„Свадба“ руши рекорди: Балканската комедија што ја разбуди „Југосферата“

Хрватската комедија „Свадба” урива рекорди во кината во Хрватска, Србија и БиХ, надминувајќи го и „Titanic“ според бројот на продадени билети.

Хрватската комедија „Свадба“ предизвика вистинска еуфорија во кината низ регионот, рушејќи рекорди уште пред официјалната премиера. Филмот, за кој пишуваат и угледни европски медиуми како Frankfurter Allgemeine Zeitung и Deutsche Welle, стана феномен што ги надмина очекувањата и на публиката и на кино-дистрибутерите.

Приказната е едноставна, но провокативна: Ана, Хрватка, е бремена од Србин, Небојша, што предизвикува лавина од семејни и национални предрасуди. Токму играта со стереотипите и ироничниот пристап кон чувствителните балкански теми ја направија оваа комедија исклучително привлечна за публиката.

Уште пред премиерата на 20 јануари беа распродадени повеќе од 40.000 билети, што претставува рекорд во хрватската кинематографија. За помалку од еден месец, филмот продаде над 500.000 билети во Хрватска, израмнувајќи го рекордот што со години го држеше Titanic. Ако се земе предвид дека Хрватска има околу 3,8 милиони жители, овие бројки се споредливи со најголемите кино-хитови во Германија, како Harry Potter and the Philosopher’s Stone и The Lord of the Rings: The Fellowship of the Ring.

Успехот не е ограничен само на Хрватска. Во Босна и Херцеговина и Србија се продадени повеќе од еден милион билети, а филмот бележи одлична гледаност и во градови со бројна балканска дијаспора, како Виена. Според претставници на кино-ланецот Cineplexx, интересот ги надминал сите првични прогнози.

Иако станува збор за лесна и комерцијална комедија, нејзиниот успех се должи на нешто повеќе од маркетинг и познати актери. ,,Свадба” умешно ги исмева националните клишеа и ја разоружува политичката реторика преку хумор. Публиката препознава заеднички културен простор во кој може да се смее на сопствените и туѓите предрасуди без јазични бариери.

Заклучокот што го наметнуваат бројките е дека иако Југославија одамна не постои, таканаречената „Југосфера“ како културен простор е и тоа како жива. Филмот „Svadba“ стана симбол на таа поврзаност, покажувајќи дека хуморот понекогаш може да направи повеќе од политиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни