Француската медиумска сцена е во центарот на нов скандал откако двајца истакнати новинари, Томас Легран и Патрик Коен, беа суспендирани поради појава на видео-снимки што сугерираат нивна блискост со членови на Социјалистичката партија.
Снимките, објавени од десничарскиот портал L’Incorrect, се направени на 7 јули во едно париско кафуле, без знаење на учесниците. На нив Легран и Коен седат со Лук Бруси, претседател на Националниот совет на ПС, и европратеникот Пјер Жуве. Во еден момент Легран вели: „Ние го правиме вистинското нешто за [Рашида] Дати, Патрик [Коен] и јас“, реченица која е нагло прекината и претставена без контекст.
Реакција на Рашида Дати
Француската министерка за култура, Рашида Дати, која е кандидат за градоначалник на Париз на изборите во март 2026 од редовите на Les Républicains (LR), остро реагираше. Таа на социјалната мрежа X напиша:
„Новинари од јавниот сервис и Libération тврдат дека прават сè за да ме елиминираат од изборите во Париз. Тоа се сериозни и неетички изјави што бараат санкции. Од овој момент, секој мора да ја преземе својата одговорност.
Француското радио France Inter во петокот вечерта соопшти дека привремено го суспендира Томас Легран, кој е нивен колумнист и уредник во Libération. Патрик Коен, кој исто така работи за France Inter и France Télévisions, се соочува со слични притисоци.
Легран, пак, негираше дека станува збор за политичка акција против Дати: „Мојата работа е да се спротивставувам на лагите што таа ги кажува и на нејзиниот однос кон медиумите. Јас не водам политичка битка против неа,“ изјави тој.
Ова не е првпат Дати да влезе во судир со новинари. Во јуни таа имаше жестока размена со Патрик Коен во емисија на France 5, каде беше прашана за обвиненијата за нелегално лобирање во Европскиот парламент. Наместо одговор, таа се закани дека ќе покрене истрага против новинарот за наводи за вознемирување објавени од Mediapart.
И двајцата новинари најавија тужба за нелегално снимање и нарушување на приватноста. Скандалот доаѓа во чувствителен момент за Франција, во период на зголемени политички тензии и претстојни избори во главниот град.
Извор: Euronews