„Виртуелниот колега“: Како ВИ-агентите ја менуваат работата – со Susana Morillas од Salesforce

Field CDO и Data Architect во Salesforce објаснува зошто компаниите мора да почнат „од основите“ ако сакаат безбедна, корисна и човечки ориентирана вештачка интелигенција.

Вештачката интелигенција веќе не е футуризам, таа е секојдневие што директно ги менува работните навики, продуктивноста и корисничката поддршка. Во интервју за Трн, Susana Morillas, Field Chief Data Officer и Principal Data & AI Architect во Salesforce, вели дека компаниите мора да ги постават темелите правилно ако сакаат нивните ВИ-агенти да бидат автономни, безбедни и целосно усогласени со деловните цели.

Сè почнува со стратегија

„Враќањето на основите“ значи да се дефинира што точно треба да прави еден ВИ-агент — и што не треба. Според Morillas, без јасни KPI-и, метрики за успех и прецизни очекувања, компаниите градат технологија без вистински правец.

Вториот столб е усвојувањето. Вработените мора да ја разберат и да сакаат да ја користат вештачката интелигенција — и тоа на безбеден, контролран и доверлив начин. Без човечка поддршка и доверба, агенти не можат да ја донесат посакуваната вредност.

Податоци со смисла, а не само складишта

За да функционираат агенти, потребна е солидна податочна основа: не само инфраструктура и бази, туку и семантика, контекстуализација, пребарување и структури што му овозможуваат на агентот да „разбере“ што му е доступно.

Четвртиот услов е постоење на композитна, флексибилна и адаптивна платформа што може да го издржи динамичниот начин на кој работат агентите. ВИ не е само алатка — тоа е екосистем што мора да може да се надградува и адаптира.

Безбедносен слој: заштитни огради и контроли

Петтата точка, според Morillas, е критична: заштитниот слој.
Компаниите мора да постават политики, правила и ограничувања што јасно дефинираат што може — а што не смее — да прави агентот.

„Особено кај агентската ВИ, мора да дефинираме заштитни огради,“ вели Morillas. „Тоа е клучно за безбедноста и довербата.“

Човекот веќе добива „виртуелен колега“

Morillas објаснува дека вештачката интелигенција веќе го менува начинот на кој работат луѓето. Таа лично користи ВИ-асистент што ѝ ги сумира состаноците, ѝ подготвува презентации, ѝ пишува е-пошта и дури ѝ создава скрипти за работа.

„Тоа е како виртуелен колега кој секогаш е тука,“ вели таа.

Во корисничката поддршка, Morillas очекува радикална промена. Старите ботови што даваат формални, ограничени одговори ќе отстапат место на агенти што звучат многу поприродно.
Овие агенти ќе имаат пристап до специјализирани документи на компанијата и ќе даваат персонализирани одговори, чувствително поблиски до човечкиот стил на комуникација.

Дали ВИ-агенти можат да преговараат и да склучат договор?

Според Morillas — делумно веќе да.
Агентите денес можат да затвораат едноставни, повторливи процеси што не бараат човечка проценка.

Но кај комплексни ситуации, кризни сценарија или преговори со висока одговорност, последниот збор ќе мора да го има човекот.

„Има ситуации кои секогаш бараат човечка разумност,“ додава таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни