Кафето е дел од секојдневието на голем број луѓе и често се поврзува со подобрена концентрација, побрз метаболизам и зголемена енергија. Но, иако има здравствени придобивки, кафето може да влијае на начинот на кој телото апсорбира одредени додатоци во исхраната, со што нивниот ефект се намалува.
Со оглед на тоа што околу две третини од возрасните секојдневно пијат кафе, а голем дел истовремено користат и суплементи, експертите предупредуваат дека оваа комбинација не е секогаш безопасна. Одредени витамини и минерали е подобро да се земаат одвоено од кафето.
Железо
Кафето најсилно влијае врз апсорпцијата на железото. Полефинолите што ги содржи, како хлорогенската киселина, се врзуваат за не-хемското железо во дигестивниот систем и го отежнуваат неговото искористување. Ова е особено важно за лица со недостаток на железо, жени со обилни менструации, бремени жени и луѓе на растителна исхрана. Доколку земате железо како суплемент, се препорачува тоа да биде најмалку еден до два часа одвоено од кафето. Витаминот Ц може да помогне во подобрување на апсорпцијата.
Цинк
Кафето може умерено да ја намали апсорпцијата на цинкот, бидејќи полифенолите се врзуваат и за овој минерал. Кај луѓе со балансирана исхрана, овој ефект најчесто е занемарлив, но кај оние што земаат цинк поради дефицит или за зајакнување на имунитетот, подобро е суплементот да се зема одделно од кафето.
Калциум
Кафето има мал инхибиторен ефект врз калциумот, главно затоа што кофеинот го зголемува неговото излачување преку урината. Проценките покажуваат дека со една шолја кафе се губат околу 5 милиграми калциум. За повеќето луѓе ова не претставува проблем, но кај оние кои зависат од суплементи за здравјето на коските, препорачливо е калциумот да се зема во друго време од денот.
Магнезиум
Кафето не ја блокира директно апсорпцијата на магнезиумот, но кофеинот, како диуретик, го поттикнува неговото излачување. Поради тоа, магнезиумот често е подобро да се зема навечер. Дополнително, одредени форми на магнезиум (како цитрат или сулфат) во комбинација со кафе може да предизвикаат дигестивни тегоби, бидејќи и кофеинот и овие соединенија имаат лаксативен ефект.
Витамини од Б-комплексот
Кафето не ја блокира значително апсорпцијата на повеќето витамини од Б-комплексот. Сепак, кофеинот може да го зголеми излачувањето на некои од нив, особено витамин Б1. Бидејќи овие витамини се растворливи во вода и вишокот природно се исфрла од телото, за повеќето луѓе ова не претставува сериозен проблем. Затоа, витамините од Б-комплексот генерално можат да се земаат со кафе без поголема загриженост, освен при екстремно низок внес или прекумерна консумација на кофеин.
