Супертајфунот Рагаса, најсилниот тропски циклон во светот годинава, го погоди Хонг Конг со урагански ветрови и поројни поплави во средата, додека обилните дождови на Тајван предизвикаа смрт на најмалку 14 луѓе.
Во Хонг Конг, улиците беа празни откако властите ги повикаа граѓаните да останат во своите домови. Поплавени се делови од источниот и јужниот брег на азискиот финансиски центар.
Рагаса, со ветрови до 200 километри на час, ќе му се приближи најмногу на градот во наредните неколку часа, на само стотина километри јужно од густо населеното подрачје.
Се очекува тајфунот да ја задржи својата сила додека се движи кон брегот на кинеската провинција Гуангдонг, каде што живеат повеќе од 125 милиони луѓе. Властите во Гуангдонг веќе евакуираа повеќе од 770.000 луѓе, јави државната телевизија CCTV.
Рагаса во понеделникот ги погоди северните делови на Филипините, а во вторникот го зафати Тајван.
Четиринаесет луѓе загинаа, а повеќе од 100 се водат за исчезнати во округот Хуалиен во источен Тајван, откако надојдените води го пробија бариерното езеро, соопшти во средата противпожарната служба.
Властите предупредуваат на пораст на нивото на морето, споредливо со тајфунот Хато од 2017 и Мангкут од 2018 година. И двата тајфуни предизвикаа штети во вредност од повеќе милијарди долари.