Пустината процвета: редок природен феномен ја обои Долината на смртта

Едно од најсушните места на планетата се претвори во шарен тепих од диви цветови. Реткиот феномен „суперцветање“ повторно ја обои Долината на смртта.
Foto: Instagram/AccuWeather

Феноменот познат како „суперцветање“ се случува само еднаш во неколку години и целосно го менува изгледот на едно од најсушните места на планетата.

Долината на смртта, едно од најекстремните места на Земјата, деновиве изгледа сосема поинаку од вообичаено. Наместо суви и кафеави пустински пејзажи, делови од националниот парк во Калифорнија и Невада се покриени со шарено диво цвеќе.

Фотографии од феноменот објави и познатиот метеоролошки сервис AccuWeather, прикажувајќи како пустината се претвора во шарен „тепих“ од диви цветови.

Овој редок природен настан е познат како суперцветање – период кога илјадници растенија што со години мируваат во пустинската почва одеднаш почнуваат да никнуваат и да цветаат.

Цветање кое се случува еднаш во деценија

Суперцветањето во Долината на смртта е релативно редок феномен и се случува само кога се исполнети специфични климатски услови.

Според податоците на Националната служба за паркови на САД, во последните месеци во регионот имало значително повеќе врнежи од вообичаено, а температурите биле повисоки од просекот.

Само од октомври наваму, паркот примил речиси цела годишна количина врнежи, а ноември бил највлажниот месец досега забележан. Таквите услови овозможиле долго „заспани“ семиња во почвата конечно да никнат.

„Предели кои луѓето понекогаш ги сметаат за пустош или без живот сега се претворени во жива палета од бои“, изјави Метју Ламар, чувар во националниот парк.

Пустината полна со живот

Највидливи се таканаречените пустински сончогледи, жолти цветови кои покриваат големи делови од долината. Заедно со нив се појавуваат и виолетова фацелија, жолти јагорчевини и розови пустински цветови.

Еколозите велат дека ваквите феномени ја рушат честата претстава дека пустините се места без живот.

„Дури и во години кога нема вакво спектакуларно цветање, во Долината на смртта постои богат животински и растителен свет. Растенијата и животните развиле неверојатни стратегии за преживување во овие екстремни услови“, објаснува екологот Лорали Лариос од Универзитетот во Калифорнија.

Пустинските растенија можат да преживеат со години без вода, чекајќи ги идеалните услови за нивните семиња да никнат.

Цветните полиња се очекува да траат до крајот на март во пониските делови на паркот, додека на повисоките надморски височини цветањето може да продолжи до јуни.

Од Националната служба за паркови апелираат посетителите да се движат само по обележаните патеки и да не ги газат или берат цветови, бидејќи секој откорнат цвет значи помалку семиња за идните генерации.

Највпечатливото цветање во последната деценија

Експертите проценуваат дека ова е едно од најимпресивните цветања во паркот во последните години, можеби највпечатливото уште од 2016 година.

Наместо вообичаениот пустински пејзаж, сега се гледаат широки појаси од шарена вегетација кои целосно го менуваат изгледот на долината.

На некои места цветните полиња создаваат речиси непрекинати „реки“ од бои, додека на други се појавуваат во помали групи, расфрлани низ пустинскиот пејзаж.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни