Сојузниот апелационен суд ја одби молбата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за проширување на брзиот процес на депортација, кој би овозможил забрзано протерување на мигранти кои живеат далеку од границата.
Судот застана во заштита на правата на мигрантите
Совет од три судии на Апелациониот суд за округот Колумбија гласа два спрема еден против суспензијата на клучен дел од пресудата на понискиот суд, според која политиките на администрацијата на Трамп ги кршат правата на мигрантите на правично судење загарантирано со Уставот на САД.
Сојузната судијка Џиа Коб во пресуда од 29 август застана на страната на организацијата за заштита на правата на имигрантите и ја забрани примена на политики на Министерството за домашна безбедност кои ги ставаат мигрантите во ризик од брза депортација ако властите сметаат дека се во земјата помалку од две години.
Администрацијата побара од апелациониот суд да ја одложи примена на оваа пресуда додека трае жалбениот процес.
Меѓутоа, судиите Патриша Милет и Џ. Мишел Чилдс оценија дека администрацијата веројатно нема да успее да докаже дека нејзините системи и процедури доволно ги штитат правата на мигрантите на правично судење според Петтиот амандман на Уставот на САД.
Двете судии, именувани од демократски претседатели, истакнаа дека проширувањето на забрзаните депортации на целата територија на САД би претставувало „сериозен ризик“.
Различни судски мислења
Судот главно ја остави на сила наредбата на судијката Коб, но привремено го суспендираше делот кој бара измени во начинот на кој имиграциските власти утврдуваат дали некој има „основан страв“ од враќање во родната земја.
Судијката Неоми Рао, именувана од претседателот Трамп, го издвоила своето мислење и ја нарекла пресудата на судијката Коб „непозволено судско мешање“.
Министерството веднаш не одговори на барањето на Ројтерс за коментар. Расправата за жалбата е закажана за 9 декември.
Брзиот процес на депортација се користи речиси три децении за брзо враќање на мигранти уапсени на границата. Во јануари, владата ја прошири неговата примена и на лица без државјанство уапсени било каде во САД, ако не можеле да докажат дека се во земјата најмалку две години.
Оваа политика е речиси идентична со онаа што владата на Трамп ја воведе во 2019, а потоа ја укина администрацијата на демократскиот претседател Џо Бајден.
