Судот во САД ја ограничи моќта на Google, но нема да го примора да го продаде Chrome

По речиси петгодишна судска битка за монополската моќ на Google во областа на интернет-пребарувањето, американскиот федерален судија Амит Мехта донесе одлука која ќе има далекусежни последици за технолошкиот сектор.
Фото: Слика генерирана со Imagen 3/Emma Roth

Google нема да биде приморан да го продаде својот популарен прелистувач Chrome, но ќе мора да се откаже од некои од ексклузивните договори кои му обезбедуваа доминантна позиција на пазарот. Судијата пресече дека практиките со кои компанијата го потиснувала конкурентското пребарување се нелегални, но истовремено оцени дека целосна забрана на милијардските „дефолт“ договори со производителите на уреди би предизвикала повеќе штета отколку корист.

Во пресудата од 226 страници, Мехта наложи Google да отвори дел од својата најчувана тајна – базата со податоци од трилиони пребарувања, која со години му давала ненадминлива предност. На тој начин, конкурентите ќе добијат пристап до информации што можат да помогнат во унапредување на нивните сопствени услуги.

„За разлика од класичните случаи, овде судот мораше да погледне во иднината. Тоа не е баш судиска специјалност,“ запиша Мехта во своето образложение, алудирајќи на брзиот развој на вештачката интелигенција и новите „одговор-мотори“ кои можат да ја променат играта во светот на пребарувањето.

Одлуката е делумна победа и за Министерството за правда на САД, кое уште во времето на Доналд Трамп го отвори случајот. Антимонополската шефица Гејл Слејтер ја нарече „голема победа за американскиот народ“, иако призна дека судот не ги прифатил сите нивни барања.

Во Google, пак, пресудата ја претставија како потврда на својата позиција дека пазарот е динамичен и конкурентен. „Индустријата е трансформирана со појавата на АИ, а корисниците имаат повеќе избор од кога било,“ соопшти потпретседателката за регулаторни прашања, Ли-Ен Мулхоланд.

Инвеститорите, очигледно, ја видоа одлуката како лесно предупредување наместо тежок удар: акциите на матичната компанија Alphabet скокнаа за повеќе од 7% во продолженото тргување.

Решението е добра вест и за Apple, кој годишно заработува повеќе од 20 милијарди долари од договорите со Google. Компанијата предупреди дека нивна забрана би ја намалила финансиската поддршка за сопствени истражувања и парадоксално – би му дала уште поголема моќ на Google.

Иако Chrome останува во рацете на Google, јасно е дека неговата иднина ќе биде под будното око на регулаторите, во време кога вештачката интелигенција ветува ново прекројување на дигиталната карта.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни