Судот спречи Британец да ископа депонија во потрага по биткоини вредни 700 милиони евра

Џејмс Хауелс ги тужеше градските власти на Њупорт во обид да ги принудат да му дозволат да пребарува на депонија со надеж дека ќе најде погрешно фрлен хард диск со 7.500 биткоини, вреден повеќе од 700 милиони евра.

Хауелс, компјутерски експерт, десет години се бореше да ја поправи грешката и да го врати изгубеното богатство, но сега наиде на уште една пречка.

Судијата ги поддржа градските власти кои не сакаат да дозволат да се ископа депонијата.

Судијата на Високиот суд Кејзер КЦ (кралскиот советник) рече дека тужбата на Хауелс „нема реални шанси за успех“ доколку се дозволи случајот да продолжи до судечкиот суд.

„Сметам дека деталите од барањето не покажуваат никаква разумна основа за продолжување на случајот. Исто така, верувам дека тужбата нема реални шанси за успех дури и ако случајот оди на суд“, рече судијата.

Аргументот на градскиот совет е дека хард дискот сега е во сопственост на градот и дека Хауелс нема право да се обидува да го врати назад.

„Според мене, аргументот на одбраната (градскиот совет) е точен“, додаде судијата.

Хауелс се појави пред Високиот суд во Кардиф во декември, каде што беше застапуван од адвокати про боно.

Тој рече дека летото 2013 година, додека ја средувал својата канцеларија, по грешка во црна кеса ставил хард диск во кој имало дигитален паричник со биткоини и го оставил во ходникот од неговата куќа.

Неговата тогашна партнерка по грешка ја зела кесата мислејќи дека е ѓубре и ја фрлила во депонија.

Тој брзо ја сфатил грешката и оттогаш барал од градскиот совет да му помогне да го врати хард дискот. Дури и се понудил да ги подели парите со надлежните, но безуспешно.

Адвокатот на Хауелс тврди дека потрагата по хард дискот не е како да барате „игла во стог сено“, туку дека експертите идентификувале мала површина што може прецизно да се ископа.

Градските власти, пак, тврдат дека хард дискот станал нивна сопственост кога завршил на депонијата, а еколошките закони забрануваат ископување на депонијата.

Ако цената на биткоинот продолжи да расте, Хауелс тврди дека до следната година вредноста на биткоините на хард дисковите би можела да достигне околу 1,2 милијарди евра и вети дека ќе го турка случајот до Врховниот суд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни