Судот на правдата на ЕУ денеска ѝ наложи на Малта да ја укине програмата „златен пасош“, која се сведува на комерцијализација на давањето државјанство поради кршење на правото на Европската унија, дури и откако земјата ја суспендираше програмата за граѓаните на Русија и Белорусија.
Во рамките на програмата која им овозможува на богатите да купат државјанство на ЕУ, Малта „не ги исполнила своите обврски“ кон ЕУ, рече судијата на судот во Луксембург и додаде дека Судот потсетува оти секоја членка на Унијата е слободна да ги одреди условите под кои доделува или одзема државјанство и дека оваа слобода мора да се остварува почитувајќи го правото на Европската Унија.
Европската комисија во 2020 година почна постапка против Малта и Кипар во врска со нивните програми за златни пасоши.
Откако Кипар во 2021 година и Бугарија во 2022 година ги завршија своите програми, Малта беше едно од последните упоришта во широко прифатената шема низ ЕУ и Велика Британија. Таа шема ги зголеми приходите, особено во некои земји кои беа силно погодени од финансиската криза во 2009 година.
Повеќето земји од ЕУ ги укинаа своите програми поради поврзаност со кризата со домувањето во Европа, стравувањата од потенцијал за криминал, корупција и перење пари, загриженоста за безбедноста во Велика Британија по труењето во Солсбери во 2018 година, а потоа и агресивните санкции против руските граѓани по инвазијата на Москва врз Украина во 2014 и 2022 година.
Пресудата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да воведе виза „златен билет“ со потенцијален пат до американско државјанство за пет милиони долари.