Американскиот федерален судија го блокираше спроведувањето на извршната наредба на претседателот Доналд Трамп со која се забранува на трансродни лица да служат во војската на САД.
Наредбата, која Трамп ја издаде една недела по стапувањето на должност во јануари, забрануваше трансродовите лица да се пријават во војската и нареди Министерството за одбрана да ги идентификува и отпушти сите припадници на вооружените сили кои имаат „тековна дијагноза или историја, или пак покажуваат симптоми на постојана родова дисфорија“.
Окружниот судија Ана Рејес од Вашингтон, Д.С., пресудила во вторник дека забраната „е исполнета со анимозитет“ и дека ја крши клаузулата за еднаква заштита, бидејќи дискриминира на основа на трансродниот статус и пол.
„Нејзиниот јазик е недвосмислено понижувачки, нејзината политика ги стигматизира трансродните лица како инхерентно неподобни, а нејзините заклучоци немаат никаква врска со фактите“, напиша Рејес во својата одлука.
Рејес, која беше именувана од поранешниот претседател Џо Бајден, ја одложи примената на својата привремена забрана до петок, за Министерството за правда да има можност да ја оспори пред Апелациониот суд за округот Колумбија.