Судирот на границата прераснува во војна: Загинаа 58 пакистански војници, талибанците испраќаат тенкови

Тензии на границата меѓу Авганистан и Пакистан ескалираа со загуби на двете страни. Талибанските сили тврдат дека убиле 58 пакистански војници, а Пакистан ја затвори границата и ја засили безбедноста. Регионалните сили повикуваат на воздржаност и дијалог.

Талибанските сили во операции долж Дурендовата линија, според портпаролот на авганистанската влада Забихула Мухадид, убиле 58 пакистански војници и раниле дополнителни 30, како и зазеле 25 пакистански позиции.

Авганистанското Министерство за одбрана ги опиша операциите како одмазда за, како што тврдат, повторувани кршења на авганистанскиот воздушен простор и територија, вклучувајќи воздушни напади врз Кабул и источните пазари претходно во неделата. Талибанците соопштија дека операциите биле „успешни“ и завршени на полноќ, со предупредување дека ако кршењата продолжат, одговорот ќе биде уште поодлучен.

Пакистанските власти реагираа со затворање на главните гранични премини Торкхам и Чаман, како и неколку помали премини, додека Исламабад порача дека секоја провокација ќе биде возвратена со силни мерки.

Граница меѓу Авганистан и Пакистан е долга 2.600 километри.

Ројтерс јавува дека Пакистан испратил засилени сили на границата, а некои места се целосно затворени за трговија и пешаци.

Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф го осуди она што го нарече „провокации од Авганистан“ и порача дека нема компромис кога станува збор за одбраната на Пакистан. Исламабад повторно ја обвинува талибанската власт во Кабул дека им овозможува засолниште на забранетата милитантна група Техрик-и-Талибан Пакистан (ТТП), обвиненија кои Кабул ги негира.

Од Кабул доаѓаат и информации за авганистанските загуби: талибанските официјални лица соопштија дека девет авганистански војници загинале, а 16 се ранети во престрелките. Во меѓувреме, извештаи од TOLOnews велат дека талибанските сили на некои региони распоредиле тенкови и потешко вооружување долж границата, што дополнително ја зголемува тензијата.

Регионалните актери со загриженост ја следат ситуацијата: Катар и Саудиска Арабија повикаа на воздржаност, дијалог и дипломатија за да се избегне понатамошна ескалација која би можела да ја дестабилизира пошироката област. Ројтерс и АП јавуваат дека дипломатските канали се активни, но ризикот од поширок конфликт е реален додека границата останува милитаризирана.

Сè уште нема независна потврда на бројот на загинати. Пакистанските власти не ги потврдиле овие информации, а ситуацијата брзо се менува со размена на оган и дипломатски притисоци. Ројтерс истакнува дека извештаите за големи загуби се тешко проверливи во првите часови по конфликтот.

Тензиите растат со недели. Полицискиот службеник од округот Курам за Би-Би-Си изјави дека тешка артилериска паљба од авганистанска страна почнала околу 22 часот по локално време, со извештаи за пукање од повеќе точки преку границата.

Минатата недела, талибанската влада ја обвини Пакистан за кршење на „суверена територија“ по две силни експлозии во четврток навечер. Министерството за одбрана на талибанците соопшти дека Пакистан бомбардирал цивилен пазар во пограничната провинција Пактика, а локалните жители за Би-Би-Си потврдија дека неколку продавници биле уништени.

Ескалацијата се совпадна со историска посета на Индии од страна на авганистанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки, прва таква посета откако талибанците повторно ја презедоа власта. Како знак на затоплување на односите, Делхи најави повторно отворање на својата амбасада во Кабул, која беше затворена пред четири години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни