Во вооружен судир меѓу турската полиција и припадници на Исламска држава (ИСИС) на северозападот на Турција, утрово беа повредени седум полицајци, соопштија безбедносни извори.
Според агенцијата Анадолија, полицијата спровела рација во куќа лоцирана на патот кон селото Елмалик, во рамки на поширока акција насочена против структури поврзани со ИСИС. За време на интервенцијата, осомничените отвориле оган кон полицијата, по што следел обрачун.
Поради сериозноста на ситуацијата, на терен биле испратени дополнителни специјални полициски единици од провинцијата Бурса за продолжување и обезбедување на операцијата. Повредените полицајци се пренесени во болница и, според официјалните информации, се наоѓаат во стабилна состојба.
Турските власти потсетуваат дека ИСИС во изминатите години извел низа смртоносни напади во земјата, меѓу кои и нападот во ноќен клуб во Истанбул за време на новогодишната ноќ на 1 јануари 2017 година, кога загинаа 39 лица. Безбедносните служби нагласуваат дека антитерористичките операции продолжуваат со зголемена внимателност, особено во чувствителни периоди и региони.
