Полицијата интервенираше и почна да ги потиснува граѓаните собрани пред зградата на Факултетот за организациони науки (ФОН) во белградската општина Вождовац. Прво делуваше Интервентната единица, а потоа и припадници на полицијата во полна опрема за растерување на демонстрации, кои ги потиснаа луѓето во мала споредна улица, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).
На терен се присутни повеќе од десет полициски комбиња („марици“).
Граѓаните од Вождовац претходно најавија собир, но според изјавите на учесници, сè уште се размислува дали ќе се одржи. Полицијата бара тие да се повлечат бидејќи по таа траса подоцна треба да поминат поддржувачи на власта, кои исто така имаат закажан митинг на Вождовац.
Само на три километри од ФОН, се собираат поддржувачи на власта кои протестираат против блокадите и антивладиниот активизам. На нивниот собир се пуштаат националистички песни и се вее српското знаме. На еден транспарент пишува:
„Србија е вечна додека ѝ се децата верни.“Овие случувања се дел од пошироките граѓански протести што траат веќе десет месеци, предводени од студенти, со барање за одговорност на властите по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица во пад на покрив на главната железничка станица.
Блокирани се над 60 факултети во шест државни универзитети, а студентите побараа распишување вонредни парламентарни избори, обвинувајќи ги институциите за неработење.
Претседателот Александар Вучиќ, иако прво ги одби изборите, на 12 септември најави дека може да се одржат во април-мај или декември 2026, додавајќи дека „би сакал“ тоа да биде во декември.
Во текот на месеците, доаѓаше до судири меѓу демонстранти и полиција, со обвиненија од страна на опозицијата за прекумерна употреба на сила, што власта го негира.
Антивладините протести беа и тема во Европскиот парламент, каде на 9 септември се одржа дебата под наслов „Бран насилство и континуирана употреба на сила врз демонстрантите во Србија“. Некои европратеници биле и навредувани од Вучиќ по нивното присуство на протестите во Нови Сад.