Шпанскиот премиер Педро Санчез најави планови за забрана на пристап до социјалните мрежи за деца и тинејџери помлади од 16 години, како и за построга борба против говорот на омраза на интернет, што предизвика жестока реакција од сопственикот на платформата X, Илон Маск, кој јавно го навреди шефот на шпанската влада.
По говорот на Санчез на Светскиот самит на влади во Дубаи, Маск на својата платформа X го нарече шпанскиот премиер „тиран и предавник на шпанскиот народ“. Околу час и половина подоцна, тој дополнително ја заостри реториката, оценувајќи го Санчез како „вистински фашистички тоталитарист“.
Санчез претходно го обвини Маск дека преку платформата X „засилува дезинформации“, поврзани со одлуката на шпанската влада за легализација на околу 500.000 работници без документи и баратели на азил, при што потсети дека и самиот Маск е мигрант.
Шпанскиот премиер истакна дека итни мерки се неопходни бидејќи социјалните мрежи станале „пропадната држава во која законите не се почитуваат, а криминалот се толерира“. Тој најави дека владата подготвува низа законски измени, меѓу кои и целосна забрана за пристап до социјалните мрежи за лица помлади од 16 години.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не требаше да се снаоѓаат сами. Тоа повеќе нема да го прифаќаме. Ќе ги заштитиме од дигиталниот див Запад“, порача Санчез. Предлогот предвидува измена на постојниот закон за дигитална заштита на малолетници, за кој во моментов се води расправа во парламентот.
Компаниите Google, TikTok, Snapchat и Meta засега не ги коментираа најавените мерки. Се очекува Шпанија, заедно со Грција која е блиску до воведување слична забрана за деца под 15 години – да им се придружи на земји како Велика Британија и Франција во заострувањето на регулацијата на социјалните мрежи.
Санчез најави и дека државните обвинители ќе ги испитаат можните законски прекршувања поврзани со AI-чатботот Grok, во сопственост на Маск, како и со платформите TikTok и Instagram. Повод за тоа се неодамнешните извештаи дека Grok создавал сексуализирани содржини без согласност, вклучително и со малолетници.
Австралија во декември стана првата држава во светот што воведе забрана за користење социјални мрежи за деца под 16 години. Санчез најави дека Шпанија ќе се приклучи на алијанса од уште пет европски земји за координирано спроведување на прекугранична регулатива, иако не ги прецизираше државите.
Иако дел од експертската јавност смета дека нема целосен научен консензус дека социјалните мрежи директно им штетат на адолесцентите, јавната поддршка за ограничувања е исклучително висока. Според анкета на Ipsos објавена минатото лето, дури 82 проценти од граѓаните на Шпанија сметаат дека на децата под 14 години треба да им се забрани пристап до социјалните мрежи, што е значителен пораст во однос на 73 проценти во 2024 година.
