Судир меѓу полицијата и лекарите при посетата на Мицотакис на болница

Напнатост пред болницата „Атикон“ во Атина – здравствените работници протестираа за условите во системот

Пред Универзитетската Општа Болница „Атикон“ во Атина денеска дојде до судир меѓу грчката полиција и група лекари и здравствени работници кои протестираа за време на посетата на премиерот Киријакос Мицотакис.

Според грчките медиуми, демонстрантите се собрале пред болницата барајќи средба со премиерот и итни мерки за подобрување на условите во здравствениот систем. Тие укажале на хроничен недостиг од персонал, ниски плати и пренатрупани одделенија кои, како што велат, ја загрозуваат здравствената грижа.

Откако дел од протестантите се обиделе да ја поминат полициската барикада, силите на редот употребиле палки и хемиски средства за да ја растераат толпата. Неколку лица биле повредени, а дел од демонстрантите се пожалиле на прекумерна употреба на сила.

Мицотакис ја посети болницата по повод отворањето на нова онколошка единица и обновениот оддел за итни случаи. Од владата засега нема официјален коментар за инцидентот, но Министерството за здравство соопшти дека „се работи на системски подобрувања“ и дека „дијалогот со здравствените работници ќе продолжи“.

Ова не е првпат медицинскиот персонал во Грција да протестира поради условите за работа. Синдикатите најавија дека ќе продолжат со притисок врз владата сѐ додека не се преземат конкретни мерки за стабилизирање на јавниот здравствен систем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни