Германија и Холандија влегоа во судир со Франција околу условите за користење на заемот на Европската унија од 90 милијарди евра наменет за Украина, барајќи Киев со тие средства да може да купува и американско оружје.
Иако лидерите на ЕУ во декември се договорија за клучната финансиска помош, формалните услови за нејзиното користење допрва треба да се усогласат, откако Европската комисија ќе го претстави својот предлог. Повеќето земји членки се спротивставуваат на француското барање средствата да се трошат исклучиво кај одбранбени компании од рамките на Унијата, пишува POLITICO.
Франција инсистира на „Купувај европско“
Ова отвора пат за тензични преговори со Париз, кој бара повластен третман за воените компании од ЕУ со цел зајакнување на европската одбранбена индустрија. Францускиот претседател Емануел Макрон го поддржува овој пристап, дури и по цена Украина да не може веднаш да ја набави неопходната опрема за одбрана од руските сили.
Несогласувањата се надоврзуваат на долгогодишните дебати за улогата на САД во програмите за набавка на одбранбена опрема на ЕУ, а дополнително се заострија откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воено преземање на Гренланд.
Германија и Холандија: Украина мора да има слобода
Повеќето земји членки, предводени од Германија и Холандија, сметаат дека Украина мора да има поголема флексибилност при трошењето на финансискиот пакет. Критичарите предупредуваат дека строга клаузула „Купувај европско“ би ѝ ги врзала рацете на Украина и би ја ограничила нејзината одбранбена способност.
„Украина итно има потреба и од опрема произведена во трети земји, особено од американски системи за противвоздушна одбрана и пресретнувачи, муниција, резервни делови за авионите Ф-16, како и капацитети за длабок удар“, наведе холандската влада во писмо до другите членки на ЕУ.
Според дипломатски извори, иако мнозинството земји ја поддржуваат општата идеја за „Купувај европско“, само Грција и Кипар целосно го поддржуваат француското барање шемата строго да се ограничи на компании од ЕУ.
Пари за Киев
Лидерите на ЕУ минатиот месец се договорија за издавање заеднички долг од 90 милијарди евра за поддршка на Украина, откако пропадна планот за користење на замрзнатата руска државна имотна маса. Според двајца дипломати од ЕУ, повеќе од две третини од износот треба да бидат насочени кон воени трошоци, а остатокот кон буџетска поддршка.
Во пресрет на официјалното претставување на планот, Германија јавно се спротивстави на француската позиција и предложи отворање на набавките и за компании надвор од ЕУ.
„Германија не ги поддржува предлозите за ограничување на набавките од трети земји и е загрижена дека тоа би ѝ наметнало прекумерни ограничувања на Украина во нејзината одбрана“, се наведува во писмото што Берлин во понеделникот го испратил до останатите членки.
Холандија предложи најмалку 15 милијарди евра да се издвојат за набавка на странска воена опрема која моментално не е достапна во Европа. „Одбранбената индустрија на ЕУ во моментов или не може да произведе еквивалентни системи, или не може да го стори тоа во потребниот временски рок“, соопшти холандската влада.
„Германија на прво место“
Како дополнителна спорна точка, германската влада излезе со сопствен предлог – повластен третман да добијат компаниите од земјите кои ѝ обезбедиле најголема финансиска помош на Украина. Таквиот пристап би ѝ одел во прилог на Германија, која е меѓу најголемите донатори.
„Германија бара логиката на наградување на силната билатерална поддршка да се примени и на земјите членки“, наведува Берлин. Дипломатите овој предлог го толкуваат и како начин за зајакнување на германските компании, но и како поттик другите земји да издвојат повеќе средства за Украина.
