Судијка именувана од Трамп ја блокира неговата наредба за распоредување војска во градовите

Американскиот сојузен суд донесе привремена забрана за планот на претседателот Доналд Трамп да распореди припадници на Националната гарда од Калифорнија и Тексас во градот Портланд, Орегон. Одлуката ја донесе сојузната судијка Карин Имергут – иронијата е што токму Трамп ја именуваше на таа функција.

Судијката оцени дека не постојат доволни докази за да се оправда присуството на федерални трупи во Портланд, каде неодамна се одржаа протести. Нејзината пресуда доаѓа веднаш по потврдата од Пентагон дека околу 200 припадници на Националната гарда од Калифорнија се префрлени во градот за да му помагаат на федералниот персонал, вклучувајќи и имиграциски службеници.

„Злоупотреба на воената сила“

Имергут претходно веќе ја одби барањето за распоредување на Националната гарда од Орегон, предупредувајќи дека користењето војска без согласност на државата е закана за нејзиниот суверенитет и може да предизвика уште поголема нестабилност.

Нејзината одлука предизвика жестоки реакции од Белата куќа. Помошникот на Трамп, Стивен Милер, ја нарече „едно од најсрамните прекршувања на уставниот поредок“, тврдејќи дека се работи за обид да се „поништат изборите од 2024 со декрет“. Портпаролката Каролин Левит пак, изјави дека одлуката е „одвоена од реалноста и правото“, и инсистираше дека претседателот има уставно право да распореди војска кога тоа го смета за потребно.

Случајот оди на повисок суд

Оваа привремена забрана ќе биде во сила најмалку до 19 октомври, додека администрацијата на Трамп најави дека веднаш ќе поднесе жалба.

Во меѓувреме, сојузната држава Илиноис и градот Чикаго поднесоа тужба за да го спречат сличниот план за распоредување трупи. Гувернерот на Илиноис, Џеј Би Прицкер, го нарече тоа „инвазија на Трамп“, потенцирајќи дека нема никаков основ војската да се испраќа без знаење и согласност на локалните власти.

„Американците, без оглед каде живеат, не треба да живеат под закана од окупација од сопствената војска само затоа што нивните лидери не му се допаѓаат на претседателот“, изјави државниот обвинител на Илиноис, Квами Раул.

Ескалација на протестите

И Чикаго е погоден од масовни протести поради заострената имиграциска политика. Во саботата, протестите прераснаа во насилство – имиграциските власти отворија оган врз вооружена жена за која се тврди дека со автомобил удрила во полициски возила. Жената сама се пријавила во болница, но нејзината состојба не е позната.

Трамп веќе неколку пати се обидел да користи Национална гарда за „да се справи со криминалот“ и да ги засили имиграциските мерки, но судовите во повеќе наврати оцениле дека тоа претставува кршење на законот кој ограничува внатрешна употреба на воените сили.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни