Судија нареди објавување на материјалите од големата порота во случајот на Гислејн Максвел

Федералниот судија во Њујорк одлучи дека американското Министерство за правда може јавно да ги објави материјалите од големата порота поврзани со истрагата за трговија со деца на Гислејн Максвел, осудена соработничка на Џефри Епстајн.

Судијата Пол Енгелмаер ја донесе одлуката врз основа на новиот закон што Конгресот го изгласа, а претседателот Доналд Трамп го потпиша во ноември Законот за транспарентност на „досијата Епстајн“. Законот ја обврзува федералната влада до 19 декември да ги објави сите некласифицирани досиеја поврзани со Епстајн и Максвел.

Во пресудата, судијата истакна дека ќе бидат воведени мерки за заштита на жртвите, со цел да се спречи објавување на детали што би можеле да ги идентификуваат или нарушат нивната приватност.

Максвел беше осудена во 2021 година за регрутирање и мамење малолетни девојки за сексуална експлоатација од страна на Епстин, нејзиниот поранешен партнер. Епстајн почина во затвор во 2019 година.

Во писмо до судот, адвокатите на Максвел навеле дека таа нема став во однос на барањето на Министерството за правда за објавување на материјалите.

Оваа одлука следи по слична пресуда на судија во Флорида, која минатата недела дозволи обелоденување на документи од истрагата за Епстин што започнала во 2005 година.

Законот за транспарентност ги опфаќа сите некласифицирани документи, комуникации и истражни материјали поврзани со Епстајн и Максвел, иако дозволува задржување на одредени досиеја кои се поврзани со активни истраги или содржат чувствителни податоци.

Досега, судии во Флорида и Њујорк одбиваа да ги објават материјалите, повикувајќи се на строгите федерални правила за тајност на постапките на големата порота. Но по усвојувањето на законот, Министерството за правда повторно побара нивно отворање, наведувајќи дека законскиот мандат ја надминува претходната забрана.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни