Судењето за полицајците од „Пулс“ одложено уште на самиот старт

Првото рочиште за 13 полицајци поврзани со трагедијата во „Пулс“ беше одложено, а одбраната побара предметот да се спои со големата постапка за Кочани.

Првото рочиште во предметот против 13 полицајци поврзани со трагедијата во „Пулс“ денеска беше одложено уште пред суштински да почне, откако еден од адвокатите побарал одлагање, а одбраната побара и спојување на овој предмет со големата постапка за Кочани, во која се обвинети 35 лица.

Според информациите од судот, судијката Фанка Јанчулева Михаиловска го одложила рочиштето затоа што еден од бранителите уште на 11 март побарал одложување поради друг притворски предмет во Кочани. На денешното рочиште тој испратил замена, но само за договор околу натамошната динамика на постапката.

Дополнителна причина за одложувањето биле и доказите што вчера и денеска пристигнале од речиси сите бранители на обвинетите, поради што ниту судот ниту обвинителството немале време да се запознаат со материјалите. Во меѓувреме, еден од адвокатите предложил предметот за полицајците да се спои со главното судење за „Пулс“, тврдејќи дека обвинителството води различни теории за истата трагедија.

Обвинителката Спасенка Андонова, која ги презела предметите, не го коментирала веднаш барањето за спојување, образложувајќи дека ѝ е потребно време за да го разгледа, но уверила дека нема да има застој во постапките и покрај тоа што сега ги води трите предмети за полицајците. Во судницата денеска присуствувале и роднини на обвинетите, како и родители на загинатите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни