На судењето на Јовановски сведочи мајката на Ивана: Полицијата дошла и си заминала

Љубица Стојаноска сведочела за модринките на ќерка ѝ, за ноќните повици, за тоа што го слушала од внуката Катја, и за полицијата која само рекла „смирете се” и си заминала.

На денешното судење на Стојанче Јовановски, обвинет дека ја принудил сопругата Ивана да си го одземе животот заедно со нивната 6-годишна ќерка Катја, прва сведочеше мајката на жртвата, Љубица Стојаноска од Скопје. Нејзиното сведоштво опфати години на прикривано насилство, закани и институционален неуспех.

Модринки кои секогаш имале објаснување

Љубица Стојаноска сведочеше дека со години забележувала модринки на ќерка си Ивана по рацете, нозете и окото, но Ивана секогаш тврдела дека паднала некаде. Еднаш ноќе, во 1 часот, зетот ја повикал да дојде, нарекувајќи ја Ивана со навредливи зборови. Кога пристигнала, Стојанче шеташе нервозно, Ивана го држела детето и се тресела. Сакал да ја удри, Љубица застанала меѓу нив.

Полицијата дошла и си заминала

По повикот, на местото пристигнала полиција. Според сведоштвото на Љубица, нивната реакција се состоела од само неколку зборови: „Ајде смирете се, нека биде сѐ во ред”, по што си заминале. Стојанче потоа се понудил да ја врати тештата дома. Таа се вратила пешки.

Она што го знаела само Катја

Вистината за насилството Љубица ја дознавала преку внуката Катја. Детето ѝ раскажувало дека мајка ѝ чучнувала додека татко ѝ ја шутирал, дека ги крева рацете за да се заштити, и дека Стојанче кон Ивана употребувал навредливи зборови. Катја молела бабата да не кажува. Ивана, прашувана директно, секогаш одговарала: „Ќе биде мамо во ред”.

Салатата фрлена во контејнер

За Нова година, Љубица однела домашна салата и облека за ќерката и внуката. Ивана ја пречекала пред зградата, тресејќи се, молејќи ја да побегне пред да се врати Стојанче. Љубица тргнала, слушнала неговиот глас зад себе и почнала да бега. Подоцна Ивана ѝ кажала дека подарокот го фрлил во контејнер. Во август лани, Љубица го пријавила Стојанче во полиција.

Сведочењето продолжува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни