Со искази на сведоците продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

По пауза од еден месец, судскиот процес за трагедијата во Кочани, во која загинаа 63 лица, продолжува со сослушување сведоци на Обвинителството

Со искази на петмина сведоци на Обвинителството, денеска во судницата во Идризово продолжува судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март минатата година животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е прво рочиште во предметот од почетокот на 2026 година.

Според најавите, пред Судот треба да сведочат роднина на една од жртвите, како и лица кои биле гости во „Пулс“ критичната ноќ. Првично, за јануари беа закажани две рочишта, но расправата предвидена за 14 јануари беше одложена поради изборот на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која го бранеше обвинетиот поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, за членка на Судскиот совет. Судот тогаш одлучи да му даде време на новиот бранител на Џафероски да се запознае со предметот.

На последното рочиште, одржано на 29 декември минатата година, сведочеа родители на загинатите млади. Во емотивни и траорни искази, тие детално раскажаа како ја доживеале ноќта на пожарот – од моментот кога дознале за трагедијата, до очајничката потрага по своите деца во објектот и болниците.

„Второто дете што ми го подадоа од влезот на ‘Пулс’ беше ќерка ми Надица. Очињата ѝ беа отворени, изгледаше како да е жива“, сведочеше Габриела Наунова, која опиша како со голи раце се обидувала да пробие низ ѕидовите на објектот, знаејќи го неговиот распоред.

Тогаш дојде и до жесток вербален судир меѓу дел од родителите и обвинетиот градежен инспектор Огњан Ѓорѓиев, откако тој изјави дека и родителите треба да бидат на обвинителна клупа бидејќи ги пуштиле своите малолетни деца во дискотеката. Наунова возврати дека „Пулс“ со години функционирал како објект во кој доаѓале полициски и градежни инспектори, градоначалници и други функционери. Тензиите продолжија и по завршувањето на рочиштето, кога родители на жртвите вербално го нападнаа обвинетиот инспектор додека ја напушташе судницата.

Прашањето за одговорноста повторно беше отворено и на последниот „Марш за ангелите“, одржан во саботата во Кочани. Родителите на загинатите таму изразија поддршка за лицата против кои синот на сопственикот на „Пулс“ поднесе тужба за демолирањето на кафулето „Класик“, ден по трагедијата. Во тужбата се бара надомест од 1,2 милиони денари, односно околу 20 илјади евра.

Родителите јавно прашаа како е можно лице поврзано со предметот да отуѓува имот без судско одобрение и зошто сè уште нема исход од истрагата против осомничените полициски службеници. По протестот реагираше адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, кои се првообвинети во случајот. Таа побара институциите да реагираат, наведувајќи дека на протестот бил злоупотребен нејзиниот лик преку транспаренти со навредлива и симболична содржина.

За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на објектот, негови блиски, инспектори од државни институции, поранешни министри, како и припадници на агенцијата за обезбедување. На почетокот на судскиот процес сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата за причинско-последична врска меѓу нивните дејствија и смртоносниот пожар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни