Токму еден ден откако Македонија ја одбележа годишнината од пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани, во судницата во затворот Идризово денеска продолжи доказната постапка против обвинетите за трагедијата во која на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Нови сведоци за пропусти
На претходното рочиште беа сослушани двајца сведоци. Инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) сведочеше дека увидната екипа по пожарот утврдила сериозни пропусти: недостиг на противпожарни апарати, празен хидрант и заклучена помошна врата. Исто така, сведочеше дека Општина Кочани повеќе од декада немала инспектор за заштита и спасување, а за надзор надвор од матичната општина е потребен писмен налог од раководството.
Тим од 15 обвинители
Денешното рочиште го продолжува изведувањето на сведоци предложени од Јавното обвинителство, кое во овој предмет е застапено со тим од 15 јавни обвинители. На претходното рочиште беше сослушан и Трајче Димишковски, поранешен вработен во агенцијата за обезбедување „Рубикон” во периодот 2023-2025.