Со сослушување сведоци и законски застапници на оштетените, денеска во судницата во Идризово продолжува судењето за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Случајот се наоѓа во фаза на доказна постапка, а за денешното рочиште е најавено сослушување на пет сведоци предложени од Обвинителството.
Постапката ја води судијката Дијана Груевска Илиевски, а на претходното рочиште беа сослушани сведоци кои кобната вечер се наоѓале во дискотеката. Во нивните искази беа опишани сцените на паника и хаос во моментот кога пламенот и чадот ја зафатиле преполната сала, како и долготрајните психолошки и здравствени последици со кои се соочуваат преживеаните.
Адвокатот Петре Шилегов, пред почетокот на минатото рочиште, побара судот да го земе предвид брифингот на Основно јавно обвинителство ГОКК за запирање на постапката за дел од службените лица. Тој оцени дека ставовите на Обвинителството се контрадикторни и дека е потребно преиспитување на обвиненијата, особено имајќи ја предвид економичноста на постапката.
„Едно судење ја чини државата околу 150 илјади евра. Потребно е сериозно да се преиспита дали е целисходно да се продолжи вака“, изјави Шилегов, најавувајќи доставување на брифингот до судот.
Од друга страна, обвинителот Борче Јанев нагласи дека Обвинителството не ги поседува конечните одлуки за евентуално запирање на постапките против полициски службеници и дека предметот што се води пред судот се темели на одобрен и правосилен обвинителен акт.
Во воведното излагање на почетокот на процесот, обвинителот Јанев истакна дека судењето е обид да се утврди и лична и институционална одговорност за трагедијата. Тој нагласи дека не станува збор само за тоа кој го запалил огнот, туку и кој имал обврска и можност да го спречи.
Според Обвинителството, пожарот не е изолиран инцидент предизвикан само од пиротехнички средства, туку резултат на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и отсуство на контрола, кои ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека трагедијата е последица на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе покажат дека обвинетите поседувале валидна документација и не презеле дејствија што би довеле до пожарот.
Во воведниот збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката, Дејан Јованов, наведе дека и по девет месеци притвор не може да се помири со трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови. Неговиот син, Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден директен доказ и дека е обвинет исклучиво поради семејната поврзаност.
Пожарот избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група „ДНК“ во дискотеката „Пулс“. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле користени без дозвола. Според обвинението, дискотеката работела незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со диви реконструкции и без функционален систем за противпожарна заштита.
Судењето продолжува со сослушување на сведоци, додека јавноста очекува одговор на клучното прашање: дали трагедијата ќе добие институционална правда или ќе остане уште еден симбол на системски неуспех.
