Она што се открива во текот на судењето за Ивана, МВР и ЦСР го знаеле со месеци

Сведоци под заклетва го потврдуваат она што МВР и ЦСР го имале како информација и не го употребиле за да ја заштитат Ивана.

Во Кривичниот суд во Скопје, сведоците во случајот против Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана и ќерката Катја, детално опишуваат насилство, закани и директни контакти со полицијата кои никогаш не резултирале со заштита. Истите факти, пријави, записници и терински интервенции, биле достапни за МВР и Центарот за социјални работи со месеци пред трагедијата од 2 март.

Ако пријавиш уште еднаш, ќе одговараш

Еден од најтешките моменти во досегашното судење го донесе сведочењето на Мартин Саздов, пријател на Ивана, кој бил сведок на последните часови пред трагедијата. Според неговото сведочење, на денот кога Ивана го пријавила Стојанче дека ја тепа, полицајците извршиле службен разговор со двајцата и на крај им рекле да си го решат проблемот. Полицијата ја заплашила Ивана дека ако пријави уште еднаш, ќе одговара кривично за лажно пријавување. Тоа се случило неколку часа пред Ивана и Катја да паднат од тераса.

Сведоштвата се за јавноста нови, но не и за државата

Она што судот го слуша денес не е ново за државните институции. МВР евидентирало повеќе од десет пријави за семејно насилство во семејството Јовановски. Полицијата поседувала видеоснимка на која се гледа Стојанче Јовановски како ја удира Ивана. Одделот за внатрешна контрола на МВР подоцна утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по тие пријави и тој наод го доставил до Обвинителството.
Центарот за социјални работи Скопје имал свои службенички на Клиниката за дигестивна хирургија на 19 јануари 2026, каде Стојанче пред болничар и пред детето ја турнал Ивана по скали, а таа паднала во бесознание. Никој не извршил проценка на ризик. Никој не го задржал или привел Стојанче

Државата била предупредена, информирана и сепак не реагирала

Државниот завод за ревизија уште во август 2025 јавно констатирал дека мерките на државните институции не обезбедуваат ефективна заштита на жените жртви на семејно насилство и дал 34 конкретни препораки до Владата, МВР, Министерството за социјална политика и центрите за социјални работи. По тој извештај не е донесена нова национална стратегија. Координативното тело за следење на Истанбулската конвенција одржало три седници за четири години наместо квартално, како што е предвидено.

Судењето за Ивана и Катја не открива случаен еднократен пропуст. Станува збор за државни институции кои имале информации, биле предупредени и не направиле ништо. Пракса која се чини дека речиси секогаш е во сила кога жртвите се жени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни