Субвенционирана култура, скапи билети: кој профитира од јавните пари?

Во држава каде што културните институции се финансираат со јавни средства, цените на билетите отвораат сериозно прашање: дали културата е јавно добро или привилегија за културна елита?

Во Македонија, билет за театарска премиера може да чини и до 1.000 денари, додека во некои градови културна содржина е достапна за 100 или 250 денари. Во земја каде што културните институции се финансираат со јавни пари, оваа разлика отвора сериозно прашање за тоа кому всушност му е достапна културата.

Културата што се финансира од јавни средства, државни и европски, по дефиниција треба да биде достапна за сите граѓани. Таа не е луксузна стока, туку јавен интерес, простор на заедничко искуство, критичко размислување и општествен дијалог. Kога културните институции добиваат значителна јавна поддршка, цените на билетите за дел од нивните настани поставуваат сериозни прашања за пристапноста и правичноста на културната понуда во Македонија.

Конкретни случаи: иста држава, различни модели

Како централна театарска институција во државата, Македонскиот народен театар има клучна улога во креирањето на националната културна сцена. Цените на билетите за претстави, особено за премиери, најчесто се движат меѓу 700 и 1.000 денари, додека редовните изведби чинат околу 600 денари. Постојат попусти за студенти и пензионери, но и тие цени остануваат значителен трошок за голем дел од граѓаните.

Во практика, едно семејство што сака да посети театарска претстава може да потроши износ што се приближува до една дневна минимална дневница. Ова не е прашање на вкус или личен приоритет, туку на економска реалност. Кога културното учество бара сериозна финансиска жртва, културата престанува да биде секојдневие и станува исклучок.

Во Струмица пак, во театарот Антон Панов, цените на билетите за театарски претстави изнесуваат 250 денари за редовна публика и 100 денари за ученици, студенти и пензионери. Овој модел овозможува поширока вклученост на локалната заедница и создавање навика за културно учество. Но, наместо да биде поддржан како позитивна практика, овој модел останува исклучок, а не стандард во културната политика. Влезната цена во театарот „Ј. Х. К. Џинот“ – Велес е од околу 200 денари, што го става меѓу најдостапните модели на културни настани во земјава.

Високите цени на билетите не се исклучок врзан за една институција, туку доминантен модел и кај другите национални театри. Во Театар Комедија, редовната цена на билет изнесува околу 600 денари, со повремени попусти за ученици и студенти, кои зависат од претставата и терминот. Во Драмски театар – Скопје, билетите за редовниот репертоар најчесто се движат меѓу 500 и 600 денари, додека за премиерни изведби цените достигнуваат и до 1.000 денари, со ограничени попустни категории.

Сличен е и ценовниот распон во Националната опера и балет, каде цените варираат според сложеноста и форматот на претставата. За поголеми оперски и балетски продукции со оркестар, билетите се движат од 500 до 800 денари, во зависност од позицијата (галерија, партер или ВИП), додека за оперети, опери во еден чин и балетски претстави без оркестар, цените се пониски, но и понатаму се во распон од 500 до 700 денари.

Најскапите билети за изведби на Националната опера и балет во Скопје може да достигнат цена околу 1.000 денари, особено за балетски претстави како „Madame Bovary“ каде што се вклучени оркестар, сценографија и повеќе солисти.

Кај симфониските концерти во Македонска филхармонија, цените традиционално се движат меѓу 800 и 1.200 денари, а за специјални концерти и гостувања и повеќе. Иако станува збор за висока уметничка вредност, ваквите цени ја ограничуваат публиката на тесен круг граѓани. Прашањето што се наметнува не е дали симфониската музика има вредност, туку дали таа треба да биде привилегија, наместо општествено достапна уметничка содржина.

Овие податоци покажуваат дека, и покрај разликите во жанрот и продукциската сложеност, културните институции финансирани од јавни средства функционираат во сличен ценовен опсег, што за значителен дел од граѓаните претставува сериозна финансиска бариера за редовно културно учество.

Во македонскиот контекст, каде што голем дел од граѓаните живеат со ограничени приходи, пристапноста не е споредна тема, туку централно прашање на културната политика. Цената на билетот директно го одредува тоа кој има право на културно учество, а кој останува надвор.

Достапност и вредност: лажна дилема

Лажната дилема која не смее да се води во јавниот дискурс е релацијата меѓу достапноста и вредноста. Не треба и не смее да се создаде впечаток дека пониските цени ја „обезвреднуваат“ културата. Но културата не смее да биде потценета и недоволно платена, исто како што не смее да биде финансиски недостапна за мнозинството. Вистинската улога на јавните субвенции е токму во надминување на оваа тензија – да обезбедат фер надомест за уметничката работа, без товарот целосно да се префрли врз граѓаните. 

Во услови кога Министерство за култура редовно распишува годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес, а национални институции функционираат со стабилна државна поддршка, очекувањето е јасно: културната понуда да биде отворена, достапна и општествено вклучувачка. Дополнително, преку програмата Creative Europe, Европската Унија обезбедува средства за културни проекти со меѓународна димензија, со цел проширување на публиката и јакнење на културната соработка.

Но и покрај комбинираната јавна поддршка, голем дел од културните настани остануваат финансиски недостапни за значителен дел од граѓаните.

Субвенции, кофинансирање и невидливи обврски

Годишните конкурси на Министерството за култура имаат за цел поддршка на културната продукција, но ретко содржат јасни и мерливи критериуми за достапност. Од друга страна, проектите финансирани преку Creative Europe бараат сопствено кофинансирање, што институциите често го надоместуваат преку повисоки цени на билетите.

Така се создава затворен круг: јавните пари ја одржуваат институцијата, а граѓаните повторно плаќаат висока цена за пристап до содржините што веќе се субвенционирани.

Јавните субвенции не се неутрален финансиски инструмент. Тие носат со себе одговорност – не само за уметничкиот квалитет, туку и за општествениот ефект. Кога државата вложува во културата, таа инвестира во јавен простор што треба да биде отворен за различни генерации, социјални групи и економски реалности.

Кога прашањата стануваат политика

Отсуството на обврзувачки ценовни рамки создава ситуација во која државата финансира култура, но пазарната логика целосно ја диктира нејзината достапност. Во Македонија, каде што јавната поддршка е клучна за опстанокот на институциите, ваквиот модел го разјаснува прашањето: дали културата е јавно добро или пазарен производ со селективна публика.

Условувањето на субвенциите со минимален број билети по социјално прифатлива цена, особено во однос на минималната плата како реалност за мнозинството граѓани, не би било ограничување, туку механизам за правичност. Без вакви критериуми, субвенциите ризикуваат да го стабилизираат моделот на недостапност, наместо да го коригираат.

Особено проблематично е кога културата финансирана од јавни пари функционира како пазарен луксуз. Во таков модел, културата ја губи својата јавна функција и станува симбол на статус, наместо простор на заедништво.

За кого е културата?

Јавните субвенции се неопходни за опстанокот на културните институции. Но нивната смисла не завршува со финансиска стабилност. Ако резултатот се културни настани што се недостапни за мнозинството граѓани, тогаш прашањето не е само економско, туку демократско.

Без јасна врска меѓу јавните пари и јавната достапност, субвенционираната култура ризикува да стане уште еден простор на општествена нееднаквост. А култура што не е достапна, колку и да е квалитетна, престанува да биде јавна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни