9 месеци доцни исплатата за субвенции за велосипеди во Скопје

Апликантите чекаат од јуни, нарушен редослед и недоволни средства го закочиле процесот

Скопјани кои аплицираа за субвенции за велосипеди во јуни 2025 година сè уште немаат добиено исплата. Од Град Скопје велат дека имало пропусти во постапката и недоволно средства.

Скопјани кои аплицираа на јавниот повик на Град Скопје за субвенции за купување нов велосипед, објавен во јуни минатата година, девет месеци подоцна сè уште ги немаат добиено средствата.

На седница за советнички прашања беше посочено дека исплатата доцни поради проблеми во спроведувањето на постапката. Според изнесеното, бројот на апликанти бил поголем од предвидените средства, што довело до застој во исплатите.

Дополнително, било утврдено дека не бил почитуван принципот „прв дојден – прв услужен“. Во дел од решенијата има прекини во редоследот на одобрување, што отвора прашања за начинот на кој биле обработувани апликациите.

Од Град Скопје најавуваат дека исплатата треба да се реализира во наредниот период, со цел да се избегне нерамноправен третман на апликантите.

Проблемот не се однесува само на оваа мерка. Според изнесеното, доцнење има и кај субвенциите за чистење оџаци, кои исто така не се исплатени за минатата година.

Јавниот повик за субвенции за велосипеди предвидуваше до 5.000 денари по лице, со вкупен буџет од 3.000.000 денари. Повикот беше отворен до исцрпување на средствата, но најдоцна до 31 октомври 2025 година.

И покрај тоа што средствата биле предвидени во буџетот, до денес нема реализирана исплата, што предизвикува незадоволство кај граѓаните кои навреме аплицирале.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни