Во срцето на Скопје, меѓу тесните улички во Дебар Маало се наоѓа мал, но моќен бренд кој го одразува духот на градот и љубовта кон мајчиниот јазик. Основан од две креативни девојки, „Преплет студио“ не е само начин да се изрази личниот стил, туку и приказна за љубовта кон уметноста, дизајнот и автентичноста на македонската култура.
Секоја креација што излегува од нивната работилница носи уникатен потпис — комбинација на современи трендови и традиционални елементи кои се впишуваат во урбаниот контекст на градот. Секој детал го пренесува она што го чувствуваат: динамика, креативност и неограничена инспирација.
Локалниот мал бренд не само што го слави македонскиот јазик и неговото богатство, туку и ја прифаќа модерноста, создавајќи уникатни парчиња.
Емилија и Викторија веруваат дека уметноста и дизајнот се нешто што треба да биде достапно за сите и да биде дел од секојдневниот живот. Секој нивни производ има личен печат и е создаден со многу љубов и посветеност.

-Приказната за „Преплет“ започнува во 2013 година, со идеја да се испреплетат емоциите и дизајнот со убави пораки на македонски јазик и на кирилица. Се што сретнувавме дотогаш беше на англиски јазик и беа странски фрази. Со цел да допреме што поблиску до нашето поднебје и нашиот народ, се одлучивме да го креираме „Преплет“ кој што ќе преплетува приказна, ќе зборува за нашата култура, нашето изразување, за сите наши зборови кои што ги пренесуваме во секојдневието, начинот на кој го комуницираме јазикот. Сакавме сето тоа да ги пренесеме на производите кои што ќе ја плетат приказната. Реакцијата беше повеќе од очекуваното добра. Имаше голем одзив уште од самиот почеток и тоа не мотивираше и тоа се уште не мотивира да постоиме еве веќе 12 години. Се докажа дека луѓето повеќе се поврзуваат со пораките кога се напишани на македонски. Значи ние користевме фрази кои што не се сретнувале на честитка, на пример „Алал да ти е“, што е нешто што ние го комуницираме во секојдневието. Тоа се фази кои пренесува емоција и затоа не престануваме да твориме на македонски – вели Викторија Ланговска Хајредин.
Веќе 10 годни брендот постои и се менуваат колекциите. Но убавите пораки остануваат. Овој бренд не само што ја инспирира креативната сцена во Скопје, туку и ги поттикнува луѓето да се изразуваат преку уметноста и дизајнот. Со секој нов производ, тие ја освојуваат сè поголемата љубов на локалната публика, но и на оние кои се во потрага по нешто уникатно и исклучително. Скопје, како центар на креативноста, има многу да понуди, а овој бренд е жив доказ дека со страст и посветеност се може да се создаде нешто навистина посебно.

-Палетата на производи гледаме од колекција до колекција да ја видоизменуваме, да биде разнолика, да не се задржуваме секогаш на истиот асортиман на производи. Нормално од почетоците до сега се имаат променето многу работи и имаме навистина многу различни производи кои што сме ги креирале, меѓутоа постерите, честитките се нешто кои што ги задржуваме, од самите почетоци. Tука се и пораките и фразите како „Сите убави работи нека бидат џиновски“, „Со тебе никогаш не може да биде тапа“, „Засади нови почетоци, израсни ги со љубов. По повод Денот на жената имаме пораки што се навистина со силна емоција, како на пример „Јас сум силна личност, затоа што силна жена ме израснала“, или „Ти си најдобрата на светот во историјата на сите векови и периоди и се останато“, што е исто така една фраза многу позната за „Преплет“ – вели Викторија.

Почетоците секогаш се тешки за малите бизниси, со Викторија и Емилија ги води креативноста и иновацијата, а секој нов ден е нова можност за напредок. Бизнисот не се состои само во продажба на производи. Тој е и платформа која ги охрабрува другите жени да го следат својот пат, да ги остварат своите соништа и да не се откажуваат. Тоа е одраз на нивната посветеност и на нивната желба да ја инспирираат заедницата, да покажат дека сè е возможно ако веруваш во себе и работиш со љубов.
-Секој почеток е тежок, меѓутоа кога станува збор за мал бизнис односно нешто толку креативно и нешто различно што сакаме да го понудиме, тешко и да се опстане, меѓутоа ние секогаш се водиме од нашата голема инспирација и од желбата да понудиме нешто ново, нешто различно и нешто што и нас ќе ни претставува големо задоволство да го работиме. Така што мислам дека за возврат добиваме голема поддршка од луѓето и имаме створено база на фанови низ годините кои што се наши верни купувачи, така што мислам дека тоа не мотивира и не води да продолжиме понатаму, меѓутоа секогаш има предизвици и секогаш има тешки периоди каде што ние самите се прашуваме дали одиме во правилна насока или не. Дефинитивно храброста има клучна улога, мислам дека првиот чекор штом се направи, потоа веќе некако работите и сами почнуваат да си се редат, а доколку не се редат тогаш тоа е знак дека нешто треба да се научи од тој процес и да се проба повторно. Дефинитивно ги охрабрувам сите да пробуваат, особено жените со мали бизниси бидејќи тоа е една посебна љубов, нашиот бизнис го гледаме како бебе и е една посебна љубов и една посебна инспирација да се води нешто такво – вели Емилија Ланговска.

Малите локални креативни бизниси играат клучна улога во развојот на заедницата, особено кога се водени од уметници. Тие не само што создаваат уникатни и оригинални производи, туку и носат свежи идеи, креативност и културна вредност. Кога уметниците ги делат своите вештини и инспирации, тие ја обогатуваат заедницата, поттикнуваат локалната економија и создаваат простор за нови можности и соработка. Овие бизниси стануваат места за размена на идеи, инспирација и поддршка, што ги зближува луѓето и ја зајакнува локалната културна сцена.
– Се што е локално сметам дека многу ја зајакнува културата на еден народ, така што дефинитивно е од големо значење. Мислам дека тука и ние ја доживеавме поддршката од луѓето, бидејќи бевме првите можеби што создадоа нешто вакво и не знаевме каков одзив тоа ќе има, меѓутоа очигледно дека постоела голема желба да се создава и да се купува нешто што е на кирилица или нешто што е локално произведено, рачно изработено, уникатно, и не видено на други места, така што мислам дека дефинитивно е од огромно значење. Што повеќе се отвараат вакви студиа и места толку подобро. За младите уметници мислам дека низ годините има створено повеќе простор за да ги изложуваат своите творби, со тоа што постојат различни базари на кои што ние сме биле многу пати дел. Меѓутоа секако нели и вакви продажни места како нашето исто така се шанса за нови уметници што немаат свое продажно место или дизајнери да ги изложат своите творби, секако се додека влегуваат нели во нашиот асортиман и стил на изразување – вели Емилија.

Овие две девојки имаат страст да го променат светот на мал начин, но со голем ефект. Креираат уникатни одржливи производи кои не само што се добри за природата, туку и ја поттикнуваат љубовта кон себе си и ги поставуваат вредностите на грижа за себе на прво место. Нивните производи се внимателно создадени за да поттикнат свесност и внимание кон себе, за да го обноват балансот во секој од нас.
-Новите производи на Преплет и нашите нови дизајни се залагаат за едно побавно живеење во кое што пред се правиме место за самите нас и за грижата за себе, за љубовта према себе и за малите ритуали во денот кои што прават да се чувствуваме убаво. Така што спектарот на производи и пораките кои што ги носат одат во таа насока и мислам дека е- вели Емилија.
Во еден град кој постојано расте и се развива, Викторија и Емилија со својот мал, но уникатен бизнис ја носат свежата енергија на женското претприемништво. Нивната приказна е инспирација за сите, а нивните креативни рачни изработки ќе продолжат да ги освојуваат срцата на луѓето – со секој детал создаден со љубов, храброст и истрајност.