Не е новина дека кафето може да има корист за здравјето, особено ако се консумира умерено и редовно – помага во намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести и дијабетес тип 2. Меѓутоа, нова студија од Универзитетот Харвард открива уште еден потенцијално важен ефект: редовното пиење кафе може да придонесе за здраво стареење кај жените.
Кафето е за многумина задолжителен пијалак преку денот, а новата студија од Харвард покажува дека во тоа нема ништо лошо. Особено ако сте жена.
Истражување со 47.000 учеснички
Според резултатите, жените кои дневно испијат до 2,5 шолји кафе имаат поголеми шанси да доживеат седумдесетти и понатамошни години без сериозни здравствени проблеми – како што се проблеми со меморијата, подвижноста, дијабетесот, ракот или деменцијата.
Секоја дополнителна шолја кафе дневно ја зголемува веројатноста за здраво стареење за околу пет проценти. Препорачаната горна граница од 2,5 шолји дневно покажала подобрување на општата здравствена состојба од два до пет проценти.
Студијата опфати 47.000 жени кои од 1984 година редовно доставувале податоци за своето здравје, животниот стил и исхраната, пренесува Živim.hr.
Кофеинот од кафето – клучен фактор
Здравствените придобивки најмногу се припишуваат на кофеинот, но исклучиво оној од кафето.
Кофеинот од кола и енергетски пијалоци не носи исти придобивки – напротив, секојдневната консумација на овие пијалоци може да ја намали шансата за здраво стареење дури за 19 проценти. Исто така, кафе и чај без кофеин немаат исти позитивни ефекти.
„Резултатите укажуваат дека кафето со кофеин – за разлика од чајот или кафето без кофеин – може да го поддржи процесот на стареење така што ќе се зачуваат менталните и физичките функции“, изјави д-р Сара Махдави, авторката на студијата од Харвард, која ги претстави своите откритија неодамна на годишната конференција Nutrition 2025 во Орландо.