Студија: Мразот неповратно се топи, се закануваат глобални миграции

Дури и ако светот успее да го оствари наизглед недостижниот климатски праг и го ограничи глобалното затоплување на 1,5°C над прединдустриското ниво, гренландскиот и антарктичкиот мраз ќе продолжат да се топат без запирање. Тоа би можело да предизвика зголемување на нивото на морето за неколку метри и масовни миграции од крајбрежните подрачја, покажува ново меѓународно истражување.

Тим научници се обидел да утврди колкава е „сигурната граница“ на затоплување за опстанок на големите ледени маси. Анализирале податоци од сателити, климатски модели, ледени јадра, морски седименти, па дури и ДНК од лигњи.

Заклучокот е загрижувачки: дури и сегашното ниво на затоплување од 1,2°C може да го поттикне забрзаното повлекување на мразот и катастрофално покачување на нивото на морето, се наведува во трудот објавен во списанието Communications Earth and Environment.

Теоретски максимум

Гренланд и Антарктикот содржат доволно мраз за да го зголемат нивото на морето за дури 213 метри – екстремен, но научно можен сценарио кое мора да се земе предвид за да се разбере вистинскиот ризик.

Од 1990-тите години досега, загубата на мраз се има четирикратно зголемено и моментално изнесува 370 милијарди тони годишно. Ледниците денес се најголемиот поединечен придонесувач во порастот на морското ниво, кое се удвоило во последните 30 години.

„На 1,5 степени не гледаме забавување – напротив, порастот се забрзува“, вели глечерологот Крис Стоукс од Универзитетот Дурхам, коавтор на студијата.

„Милиони луѓе ќе мора да ги напуштат крајбрежјата“

Околу 230 милиони луѓе денес живеат на надморска височина пониска од 1 метар. Дури и мали промени во количината на мраз значително ги менуваат крајбрежните линии низ целиот свет, што може да доведе до раселување на стотици милиони луѓе и штети кои ќе ги надминат капацитетите за прилагодување.

Научниците проценуваат дека до крајот на векот морето би можело да се крева за 1 сантиметар годишно – 40 сантиметри во само 100 години.

„Тоа би значело масовни миграции од невиден обем во модерната историја“, предупредува Џонатан Бамбер, глечеролог од Универзитетот во Бристол и коавтор на студијата.

„Границата на сигурност станува сѐ пониска“

Особено загрижувачки е фактот што границите на сигурност за опстанок на ледените маси постојано се спуштаат со напредокот на науката. Додека претходно се сметало дека, на пример, Гренланд може да колабира при +3°C, денес се верува дека тоа може да се случи и при +1,5°C.

Според авторите, единствениот начин да се спречи колапсот на ледените покривки е да се задржи затоплувањето блиску до +1°C, што би барало драстично намалување на емисиите и целосна транзиција од фосилни горива – нешто што во моменталниот политички контекст изгледа крајно неверојатно.

„Веќе сега гледаме како се остваруваат некои од најцрните сценарија за загуба на мраз“, вели Стоукс. „Нема многу простор за надеж. Во најдобар случај, нивото на морето ќе расте бавно.“

„Нема предавање – секоја десетинка е важна“

Авторите потенцираат дека нивните наоди не значат дека треба да се откажеме од климатските цели. Секоја десетинка помалку затоплување значи разлика во последиците што ќе ги почувствуваме.

„Ограничувањето на затоплувањето на 1,5°C и понатаму би било огромен успех. Треба да продолжиме да се стремиме кон тоа – но не треба да очекуваме дека тоа ќе го запре порастот на нивото на морето“, заклучува Стоукс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни