Студентските собранија со силна порака за солидарност и поддршка на студентските протести во Србија

Во текот на последниот месец, во Србија се случуваат масовни студентски протести на кои студентите бараат правда, реформи во образовниот систем, поголема автономија на универзитетите и против корупцијата. Во овој контекст, побаравме мислења и одговори од претставници од неколку универзитетски собранија кај нас за ситуцијата во Србија. Сите без исклучок изразија целосна поддршка кон нивните колеги од соседството.

Претседателот на УСС при УЈИЕ, Мевлан Адеми, нагласува дека студентските протести имаат моќ да урнат цели режими и дека формирањето национално студентско тело е клучно за единството. Секретарот на УСС при УКИМ, Адела Асани, додава дека солидарноста е клучот за промени и повикува младите да го предводат отпорот кон нееднаквоста.

Адела Асани, секретар на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, одговори на нашите провокативни прашања со доза на искреност и надеж. Таа истакна: „Верувам дека македонските студенти имаат огромен потенцијал да се обединат и да се борат за правда, но нивниот молк е производ на системски предизвици. Апатијата и стравот не се природна состојба – тие се наметнати преку децении на нефункционален систем кој ги маргинализира младите и ги поттикнува да веруваат дека промените се невозможни.“

Нејзините зборови ја нагласуваат потребата од солидарност и мобилизација, но и од демонтирање на длабоко вкоренетите пречки што ги спречуваат студентите да станат гласни двигатели на општествените промени.

Трн: Дали студентските протести во Белград се рефлексија на нешто поголемо?

Што мислите, дали протестите покажуваат дека студентите во Србија конечно ја губат трпеливоста со системот, и дали тоа е почеток на поголеми општествени промени?

Адела: Студентските протести во Белград ги гледам како значаен показател за зголемената фрустрација на младите од системот. Овие настани укажуваат дека студентите ја губат трпеливоста со долгогодишните проблеми како корупцијата, недостатокот на можности и одливот на мозоци. Истовремено, ваквите движења честопати имаат потенцијал да бидат катализатор за пошироки општествени промени, особено ако добијат поддршка од други групи во општеството.

Историски гледано, студентите во Србија играле важна улога во борбата за демократски промени, и мислам дека овие протести можат да бидат почеток на ново движење за подобрување на условите за живот и работа на сите граѓани.

Трн: Колку студентите кај нас имаат капацитет да се обединат заедно?

Дали мислите дека македонските студенти би излегле на улица за да се борат за правда, и ако не, што е причината за нивниот молк – апатија, страв или недоверба во промените?

Адела: Верувам дека македонските студенти имаат огромен потенцијал да се обединат и да се борат за правда, но нивниот молк е производ на системски предизвици. Апатијата и стравот не се природна состојба – тие се наметнати преку децении на нефункционален систем кој ги маргинализира младите и ги поттикнува да веруваат дека промените се невозможни.

Студентите се жртви на неолибералниот модел кој ги третира образованието и младите како потрошен ресурс, а не како двигатели на општествениот прогрес. Кога ќе се најдат соочени со лоши услови во домовите, скапи студии, и неперспективна иднина, тие имаат целосно право да се бунат.

Солидарноста е клучот за промени. Ако студентите успеат да ја надминат индивидуализацијата што им е наметната, и ако добијат поддршка од работниците и поширокото општество, тие би можеле да станат гласот на една нова, поправедна Македонија. Верувам дека токму младите имаат силата да го предводат отпорот кон нееднаквоста и да ја поттикнат вистинската трансформација на општеството.

Трн: Кој е вистинскиот начин да се постигне правда?

Многумина ги поддржуваат протестите како средство за промена, но други велат дека вистинската борба е преку институции. Каде е границата помеѓу протестот и дијалогот за студентите, и дали сметате дека кај нас има волја за такви радикални чекори?

Адела: Постигнувањето правда е сложен процес кој бара комбинација од различни стратегии, а протестите и институционалниот дијалог не се исклучуваат еден со друг – тие треба да се надополнуваат. Протестите имаат клучна улога во привлекувањето внимание кон неправдите и во мобилизирањето на заедницата, но долгорочните промени мора да бидат осигурани преку институции и системски реформи.

Кај нас, границата помеѓу протестот и дијалогот честопати се размива поради недовербата во институциите. Многу студенти и граѓани сметаат дека нивниот глас не се слуша, што ги принудува на радикални чекори. Сепак, верувам дека вистинската сила лежи во способноста за организирање, соработка и доследност – почнувајќи од улиците, но истовремено создавајќи платформи за притисок врз институциите.

Дали кај нас има волја за такви радикални чекори? Да, но таа волја е често потисната од апатија и страв. Она што недостасува е лидерство и јасна визија која ќе ги инспирира студентите да веруваат дека промената е возможна. Верувам дека со зајакнување на студентските организации, изградба на солидарност и притисок кон институциите, можеме да направиме чекор кон поправедно општество.

Трн: Студентскиот пленум беше силен симбол на отпор – дали би се повторил овој радикализам?

Адела: Студентскиот пленум беше еден од најсилните симболи на автентичен отпор и солидарност кај младите во поновата историја на нашата земја. Тој покажа дека студентите можат да изградат автономен, хоризонтален модел на организирање кој се спротивставува на хиерархиските структури на моќ и корупција. Овој модел беше инспириран од идејата дека вистинските промени доаѓаат оддолу – од колективот, а не од елитите.

Дали може да се повтори таков радикализам? Верувам дека не само што може, туку и мора. Условите што ги поттикнаа протестите на Пленумот – нееднаквоста, недостапноста на образованието и игнорантноста на владејачките структури – не само што остануваат, туку се и продлабочени. Она што е потребно е искра што ќе ја врати довербата на студентите во нивната моќ да ја трансформираат реалноста.

Радикализмот на Пленумот беше токму во тоа што одби да игра според правилата на системот. Тој покажа дека студентите не мора да бидат пасивни учесници, туку активни создавачи на иднината. Ако денес повторно се појави таква форма на организирање, заснована на солидарност, директна демократија и безкомпромисна борба за правда, верувам дека тоа би можело да биде почеток на длабока општествена трансформација.

Никој не ни дава правда – ние ја земаме. Тоа е лекцијата на Пленумот, и таа останува водечки принцип за сите кои веруваат во радикална промена.

Трн: Дали студентите кај нас веќе ја достигнаа точката на вриење? Превоз, сместување, квалитет на студии…, супстандардни услови во домовите за сместување?

Или сè уште постои толеранција и надеж дека нешто ќе се промени преку разговори и компромиси?

Адела:  Студентите кај нас се на раб на точката на вриење, а причините за тоа се бројни – од лошите услови во студентските домови, до недостапноста на јавниот превоз, па сè до недостатокот на вистински инвестиции во квалитетот на образованието. Деценискиот занемарен третман на младите ги поттикнува да се чувствуваат како товар, а не како двигатели на иднината.

Толеранцијата, доколку ја има, е мињатурен одраз на надеж. Компромисите и празните ветувања ја исцрпија довербата на студентите во институциите. Веќе гледаме знаци на незадоволство – иницијативи, протести, и јавни барања за промени.

Мислам дека е прашање на време кога студентите ќе сфатат дека нивната сила лежи во колективната акција. Историјата ни покажува дека секоја голема промена започнува кога угнетените ќе одбијат да го прифатат статус-квото. Но, сеуште сме толерантни и пробуваме активизмот да го изразиме преку разговори, дискусии и состаноци.

Студентите имаат право да се организираат за да се изборат за своето право на достоинствено образование и живот. Исто, студеннтите имаат должност да го бараат невозможното.

Мевлан Адеми

Мевлан Адеми, претседател на Универзитетското студентско собрание при УЈИЕ, ги истакна своите ставови за протестите како средство за промена, нагласувајќи:
„Протестот претставува една од најчистите форми на демократија, сè додека останува мирен и ги почитува правата на другите. Институционалните промени нема да се случат освен ако ние, како граѓани и студенти, не ги побараме. Иако многу студентски организации и невладини организации се обидуваат да внесат промени преку дијалог, реалноста е дека сме во истата позиција како и пред дваесет години.“

Тој дополнува дека протестите се значајно средство за студентите да го изразат својот глас и да иницираат промени. „Затоа, целосно би поддржал протести како последна опција за студентите да ги изразат своите права и да го поттикнат напредокот. Историјата покажува дека студентските протести имаат моќ да урнат цели режими, а оваа моќ не треба да се потценува,“ заклучува Адеми.

Трн: Дали студентските протести во Белград се рефлексија на нешто поголемо?

Што мислите, дали протестите покажуваат дека студентите во Србија конечно ја губат трпеливоста со системот, и дали тоа е почеток на поголеми општествени промени?

Мевлан: Студентите во Србија веќе подолго време протестираат, осврнувајќи се на широк спектар на проблеми што српската влада очигледно ги занемарува.

Неодамнешните трагични настани послужија како катализатор, поттикнувајќи ја дури и пошироката популација да сфати дека нешто е фундаментално погрешно и дека промените се неопходни.Младите, особено студентите, се под силно влијание на социјалните мрежи, кои им го прикажуваат квалитетот на животот во западните земји. Оваа свесност ги охрабрува да преземат иницијатива и да се залагаат за трансформација на нивното општество.

Сè поочигледно е дека српскиот народ почнува да сфаќа дека вистинската моќ не лежи само во Белград или во владата, туку кај самите граѓани. Оваа промена во размислувањето означува клучен момент за општествените промени во Србија.

Трн: Колку студентите кај нас имаат капацитет да се обединат заедно?

Дали мислите дека студентите кај нас би излегле на улица за да се борат за правда, и ако не, што е причината за нивниот молк – апатија, страв или недоверба во промените?

Мевлан: Како што вели изреката, „подели и владеј.“ Во нашиот контекст, оваа поделба започнува со студентите, поделени помеѓу јавни и приватни универзитети, при што секоја група се соочува со свои уникатни предизвици.

Дополнително, сме поделени и по етничка основа—фактор кој идеално би требало да нè обединува и да го збогатува нашиот културен пејзаж. За жал, политичките партии ги користат овие поделби за сопствена корист, без да се грижат за долгорочната штета што ја нанесуваат на идните генерации.

Понатаму, многумина од нас избегнуваат да се изјаснат, плашејќи се од последици што би можеле да ги загрозат нивните шанси за вработување, во систем каде што работните места во јавниот сектор често се резервирани за лица со политички врски. Во држава со висока стапка на невработеност, тишината се чини како побезбедна опција.

Дури и кога размислуваме да го кренеме гласот, распространетата корупција во правосудниот систем создава чувство на безнадежност. Овој страв од означување и недовербата во владеењето на правото создадоа средина на апатија. Како резултат на тоа, многумина избираат да молчат и сè почесто бараат можности и промени надвор од Северна Македонија, наместо да веруваат во можноста за реформи во земјата.

Трн: Кој е вистинскиот начин да се постигне правда?

Многумина ги поддржуваат протестите како средство за промена, но други велат дека вистинската борба е преку институции. Каде е границата помеѓу протестот и дијалогот за студентите, и дали сметате дека кај нас има волја за такви радикални чекори?

Мевлан:  Протестот претставува една од најчистите форми на демократија, сè додека останува мирен и ги почитува правата на другите. Институционалните промени нема да се случат освен ако ние, како граѓани и студенти, не ги побараме. Иако многу студентски организации и невладини организаџии (НВО) се обидуваат да внесат промени преку дијалог, реалноста е дека сме во истата позиција како и пред дваесет години.

Затоа, целосно би поддржал протести како последна опција за студентите да ги изразат своите права и да го поттикнат напредокот. Историјата покажува дека студентските протести имаат моќ да урнат цели режими, oваа моќ не треба да се потценува.

Иако сè уште не ја гледам целосната подготвеност кај студентите за вакви активности, забележувам охрабрувачки чекори во таа насока. Формирањето на национално студентско тело, на пример, е значителен чекор кон поголемо единство. Промените можеби се поблиску отколку што мислиме, а на нас останува да го искористиме овој моментум и да ја обликуваме иднината.

Димитар Атанасовски

На прашањето дали студентските протести од Србија би можеле да се прошират во Македонија, Димитар Атанасовски, претседател на УСС УКЛО истакнува дека тоа зависи од многу фактори, но дека во моментов нема таква клима во земјата.

„Протестите во Србија се рефлексија на целокупната ситуација таму, бидејќи студентите бараат правда од постојната власт. Дали тие ќе се прошират кај нас, останува да се види. Во моментот, таква клима нема. Сепак, постојат многу причини за изразување на незадоволство, како што се превозот, воздухот, проблемите со сместувањето и супстандардните услови во студентските домови. Има основа за протести, но недостасуваат храброст, единство и одлучност,“ вели Атанасовски, додавајќи дека проблемот со меѓуградскиот превоз и нефункционалноста на системот дополнително ги усложнуваат работите.

Тој посочува дека глобализацијата и можностите за иселување придонесуваат кон пасивноста на младите. „Светот денес е отворен, и многу студенти го бараат чарето надвор. Секој си вели: ‘Зошто да се бориме тука, кога можеме да успееме на друго место?’ Ова не е добар одговор за ситуацијата,“ потенцира тој.

На прашањето кој е вистинскиот начин за постигнување правда, Атанасовски вели дека институциите се првата опција, но не секогаш и успешна. „Не е или-или ситуација. Првиот чекор е преку институции, но кога нема друг избор, протестите и демонстрациите се нормална реакција. За жал, кај нас младите немаат голема доверба во институциите, а ни волја дека нешто драстично ќе се промени. Сепак, јас верувам дека промените се можни и дека треба да се бориме за нив,“ заклучува Атанасовски.

Единствено на нашите прашања не одговорија УСС при УГД Штип. Не покажаа интерес ниту пак вратија на нашите пораки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни