Студенти од Универзитетот во Ниш најавија голем протест на 1 март под мотото „Државата, тоа сме ние“. Собирот ќе почне во 16 часот истовремено на две локации – кај Апелацискиот суд и на кружниот тек кај трговскиот центар „Делта планет“, по што учесниците ќе се упатат кон центарот на градот.
Според програмата, протестот ќе продолжи на Плоштадот крал Милан, каде што ќе бидат положени венци на споменикот на ослободителите на Ниш. Во 17:45 часот е најавено емитување на химната „Боже правде“, а во 18 часот ќе започне програмата „Моја татковина“.
Во 18:10 часот е предвиден 16-минутен молк во чест на 16-те загинати при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Потоа ќе следуваат програмите „Што те нема“, „Државата, тоа сме ние“ и „Вклучи се и ти!“, а во 19:15 часот е најавен настап на Блокадниот хор. Завршувањето на протестот е планирано за 19:30 часот.
Во пресрет на собирот, студентите организираат трибини низ југот на Србија под назив „Недела на слободата на југот на Србија“, на кои ќе се разговара за екологија, економија, локална самоуправа, медиумски слободи, репресија, здравство и корупција. Трибини се најавени во Прокупље, Лесковац, Пирот, Врање и Алексинац.
Студентите најавуваат дека преку трибините и протестот сакаат да отворат јавна дебата и да повикаат на, како што велат, правда, вистина и функционална држава.