Во притвор сè уште се наоѓаат Младен Цвијетиќ, Давор Стефановиќ и Срѓан Ѓуриќ, додека Лазар Диниќ, Марија Васиќ и Ладо Јововиќ се од вторник во куќен притвор, по одлука на Апелациониот суд во Нови Сад.
Студентите ја оценија одлуката за куќен притвор за Васиќ, Јововиќ и Диниќ како значајна победа по двомесечниот притвор на Клиси.
„Со заеднички притисок и солидарност успеавме да ги извадиме нашите соборци од нехумани услови и да спречиме понатамошно малтретирање. Сега можат да се опорават и да бидат со своите најблиски“, наведоа студентите во своето соопштение.
Сепак, тие истакнаа дека борбата не е завршена.
„Апелациониот суд селективно и неправедно одлучи случаите на Цвијетиќ, Ѓуриќ и Стефановиќ да ги врати на повторно одлучување. Оставени се во притвор со образложение дека ‘нема доволно јасни, конкретни и целосни причини за поблаги мерки’. Тоа не е само разочарувачки, туку и длабоко неправедно“, наведоа студентите.
Тие нагласија дека сите обвинети се дел од ист случај и дека нема ниту еден оправдан аргумент зошто тројцата би биле третирани поинаку.
„Дополнително, Давор Стефановиќ воопшто не присуствувал на спорниот состанок – бил во соседна просторија и не изговорил ниту збор. Сепак, останува во притвор. Тоа е правно и морално неприфатливо. Ова не е правда – ова е селективна правда, и ние нема да ја прифатиме“, нагласија студентите.
Тие сметаат дека се прави обид да се разбие единството и солидарноста меѓу нив, но додаваат:
„Ќе се бориме додека не бидат ослободени сите. Не оставаме никого зад себе. Ако изборивме правда за тројца, ќе избориме и за останатите.“
Студентите информираа дека блокадата продолжува, но дека до 11 часот ќе овозможат безбеден и непречен влез во зградата на судот – како знак на добра волја и одговорност.