Во документот доставен до Министерството се наведува дека сегашниот систем создава сериозни проблеми – долготрајно и исцрпувачко чекање, кое годинава траело и по 12 часа, големи гужви и неповолни услови за прием, како и простор за субјективни одлуки и коруптивни практики.
Студентите предлагаат надградба на веќепостоечкиот портал за е-услуги со модел што ќе овозможи дигитален избор на цимери, автоматско доделување на соби и однапред објавени термини за вселување.
„Со ова решение ќе се постигне целосна транспарентност, елиминирање на субјективно влијание, достоинствен и хуман начин на сместување и поефикасно управување со капацитетите“, стои во барањето кое го потпишаа Ангела Василевска, Стефанија Милеска и Александар Николовски од Универзитетското студентско собрание.
Од УСС-УКИМ очекуваат Министерството да ја прифати иницијативата, која, како што велат, е во согласност со националните политики за дигитализација и модернизација на јавните услуги и одговара на реалните потреби на студентската заедница.