Студентите од Србија и официјално се кандидати за Нобеловата награда за мир, напиша писателот и драматург Синиша Ковачевиќ на социјалната мрежа Х, пренесува Н1.
„Штотуку пристигна потврда од Нобеловиот комитет дека е прифатена номинацијата за Нобеловата награда за мир“, напиша тој.
Студентите низ Србија протестираат веќе два месеци, а нивните акции добија поддршка од граѓани во речиси сите делови на земјата. Протестите започнаа со блокади на факултетите, а потоа преминаа во улични демонстрации со конкретни барања упатени кон државните институции.
Властите повеќепати се обидоа да го задушат нивниот отпор, нудејќи различни поволности, но студентите останаа решителни во својата борба.
Блокадите на факултетите започнаа на Факултетот за драмски уметности, каде што студентите и професорите беа нападнати на 22 ноември додека со мирна блокада на улицата од 15 минути им оддаваа почит на загинатите во уривањето на покривната конструкција на железничката станица во Нови Сад.
Наскоро протестите се проширија на повеќе од 60 државни факултети низ цела Србија.
Денес, три месеци по несреќата во Нови Сад, студентите ирганизираат голем протест во Градот во кој се случи трагедијата.