Студентите кои пешачат од Нови Сад и Суботица добија поддршка од граѓаните, меѓу кои и од повозрасни граѓани кои беа дојдени да ги охрабрат. Покрај нив, и група велосипедисти тргна од Нови Сад кон Белград, со цел да се приклучи на големиот протест што е најавен за 15 март пред Собранието на Србија. Студентите го поминаа Петроварадин, а еден од нив, изјави дека ова е историски момент за земјата и дека сите кои се двоумат треба да дојдат, бидејќи ќе зажалат ако не бидат дел од настанот.
Во меѓувреме, Пленумот на Техничкиот факултет „Михајло Пупин“ од Зрењанин реагираше на поставувањето на знамето на нивниот факултет во Пионирскиот парк во Белград, каде што кампуваат студентите кои бараат враќање на наставата. Во соопштението нагласија дека симболите на факултетот не смеат да се злоупотребуваат за политички или други цели.
Од Универзитетот за уметности во Белград упатија апел сите учесници на протестот да ги изразат своите ставови на достоинствен и мирен начин, повикувајќи на солидарност, слога и одговорност. Во исто време, Вишото јавно обвинителство во Белград порача дека полицијата ќе преземе мерки за да се обезбеди мирен и безбеден протест, повикувајќи ги сите граѓани да ги почитуваат законите за јавен ред и мир.
Од друга страна, студентите и матурантите од Вршац, кои пред неколку дена тргнаа пеш кон Белград, го продолжуваат својот пат откако ноќеваа во Банатски Карловец. Очекувањата се дека бројот на учесници во протестот значително ќе се зголеми во наредните денови, особено на 15 март, кога ќе се одржи главниот собир во Белград.