Од управата на РТС изјавија дека блокадата е незаконска и претставува недозволив притисок врз медиумот во кој граѓаните, како што велат, со години имаат доверба.
Студентите од Белградскиот и Новосадскиот универзитет ја започнаа блокадата синхронизирано пред три дена, незадоволни од известувањето на РТС и Радио-телевизија Војводина (РТВ) за протестите и општата политичка криза во земјата. Тие бараат објективно и непристрасно информирање, како и нов конкурс за избор на членови во Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).
Покрај блокадата, студентите реализираа и други акции. Осумдесетина студенти со велосипеди стигнаа до Стразбур, по 13 дена патување и околу 1.400 изминати километри, за да ги информираат европските институции за политичката и општествената криза во Србија. Таму беа пречекани од тројца европратеници кои ветија дека ќе ги пренесат нивните пораки пред Европскиот парламент.
Студентите испратија и отворено писмо до францускиот претседател Емануел Макрон, во кое истакнуваат дека нивната „Тура до Стразбур“ е симбол на очај, но и на надеж. „Живееме во држава каде институциите не ги штитат граѓаните, туку интересите на тесен круг на моќ. Медиумите се под притисок, изборите се компромитирани, а критичката мисла е маргинализирана“, наведуваат тие.
Во писмото истакнуваат дека на Србија ѝ е потребна поддршка од Европа – не само преку формални состаноци и дипломатски насмевки, туку со конкретни чекори.
Следната акција што ја најавија е штафетен маратон до Брисел, кој ќе започне на 25 април. Шеснаесет студенти ќе ја трчаат трасата што води низ Нови Сад, Осиек, Вировитица, Вараждин, Грац, Виена, Минхен, Штутгарт, Стразбур и Луксембург, со крајна дестинација Брисел на 11 мај. Со себе ќе носат писмо наменето за европските функционери.