Пред амбасадата на Србија во Загреб се одржа комеморативно-протестен собир, во организација на Клубот на студентите од Факултетот за политички науки (KSFPZG), на кој присуствуваа повеќе од 200 студенти, граѓани и активисти од невладиниот сектор. Настанот беше одбележан со 16-минутна тишина, во спомен на 16-те жртви кои го загубија животот при уривањето на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад минатата година.
Студентите испратија јасна порака: „Еден свет, една борба“. Нивната солидарност, велат, не е само чин на поддршка, туку повик за правда, вистина и одговорност. На собирот учествуваа и студенти од Србија кои, поради потерата на властите, засолниште пронашле во Хрватска.
„Во изминатата година, наместо да ги заштити своите граѓани, српската власт ја бранеше самата себе. Наместо одговори, понуди заборав. Тоа не е сила на државата, туку страв од младите,“ рече Фране Драгославиќ од KSFPZG, додавајќи дека борбата на српските студенти е „пример за генерација што има храброст да каже доста на репресијата и молкот“.
Дајана Ивиќиќ, претставничка на клубот, истакна дека младите создаваат „нова солидарност што ги надминува старите поделби“, нагласувајќи дека борбата за правда во Србија стана заедничка борба на сите што веруваат во достоинство и демократски вредности.
Поддршка на собирот даде и Весна Тершелиќ од организацијата Documenta, која порача дека „демократијата и одговорноста на институциите се заедничка борба на регионот“.
Во чест на жртвите, на островот Вис се одржа минутa молчење, а 16 ѕвона од локалната црква одекнаа во спомен на трагично загинатите.