Студентите во блокада во Србија објавија дека за само еден ден собрале речиси 400.000 потписи како поддршка за барањето за вонредни избори. Потписите беа собрани во рамки на акцијата „Потпиши победа“, која се одржа во неделата, 28 декември, на околу 400 штандови во повеќе од 100 места низ земјата.
Првичните резултати ги објави ETF во блокада, кој на социјалните мрежи соопшти дека се собрани 400.000 потписи, наведувајќи дека поддршка дале и војници, полицајци, пензионери и други граѓани. Подоцна, во шеговит тон, студентите прецизираа дека точната бројка изнесува 393.045 потписи, со очекување дека дијаспората ќе ја заокружи бројката на 400.000.
Голем одзив низ цела Србија
Според информациите што ги споделија студентските организации, во Нови Сад биле собрани околу 40.000 потписи, а на ниво на Војводина вкупно 93.000. Во Ниш, за неколку часа биле собрани 17.000 потписи, додека во Бачка Топола поддршка дале околу 500 граѓани.
Во Горњи Милановац, 3.140 граѓани ја поддржале иницијативата, бројка што студентите ја споредија со вкупниот број од 34.896 запишани избирачи на претходните избори. Во Ужице и градската општина Севојно биле собрани 5.031 потпис, наспроти 63.393 запишани гласачи на последните избори.
„Овие бројки не се статистика, туку порака – дека граѓаните ги поддржуваат студентските барања и се подготвени за промени“, порачаа студентите од Ужице.
Отворен и онлајн формулар за дијаспората
Поради големиот интерес, студентите информираа дека онлајн формуларот за поддршка од граѓаните на Србија во дијаспората ќе биде достапен и наредниот ден, а не само 24 часа, како што првично било планирано.
Акцијата „Потпиши победа“, според студентите, покажала дека и со ограничени ресурси и во зимски услови може да се постигне значаен резултат кога постои волја и широка поддршка од јавноста.
