Студентите на Универзитетот во Нови Сад влегуваат во бојкот на наставата

По полициската интервенција на Филозофскиот факултет, студентите најавија протести и прекин на наставата на сите факултети

Студентите на Универзитет во Нови Сад денеска на пленум донесоа одлука да стапат во бојкот на наставата на сите факултети во Нови Сад. Како што најавија, во 17 часот ќе се одржи протест пред Филозофски факултет во Нови Сад.

Одлуката е донесена по вчерашната полициска интервенција во зградата на Филозофскиот факултет, кога, според студентите, била употребена сила врз студенти и вработени кои ја блокирале установата. Пленумот бил одржан како реакција на, како што наведуваат, полициска бруталност и кршење на универзитетските процедури.

„Нам ни е во интерес да полагаме испити и да ги завршиме факултетите, но не по секоја цена. Затоа повторно застануваме. Блокадата сама по себе не е цел, туку порака дека нема да има настава на Универзитетот во Нови Сад додека ваквиот однос кон вработените продолжува и додека се кршат правилници и процедури“, изјави студентот Борис Којчиновиќ за N1.

Тој најави дека протестните активности нема да се одвиваат само на Филозофскиот факултет, туку и на други факултети во рамки на универзитетот, со цел, како што вели, да се одбрани автономијата на универзитетот и академската заедница.

Инаку, вчера неколку стотини припадници на полиција на Србија, во опрема за разбивање демонстрации, со употреба на сила ги отстранија студентите и вработените кои ја блокираа зградата на Филозофскиот факултет во Нови Сад.

Утрово состојбата пред и во зградата на факултетот е мирна, а мал број полицајци се распоредени надвор од објектот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни