Студентите од Факултетот за применета уметност, Архитектонскиот и Филозофскиот факултет во Белград, заедно со иницијативата „Ансамбл Генералштаб“, повикаа граѓаните да им се придружат во вторник, во 11 часот, на собир пред зградата на Генералштабот, под мотото „Ние сме жив ѕид“.
Според студентите, овој чин претставува симболична и граѓанска акција на отпор кон уривањето на заштитениот објект и, како што велат, „легализацијата на неправдата“ што ја овозможува новиот Lex specialis, усвоен на 7 ноември.
Студентката Валентина Морачевиќ во изјава за N1 истакна дека протестот е акција на предупредување и повик до јавноста да ја следи иницијативата преку студентските мрежи. „Културното наследство може да се брани само на улица, бидејќи во Собранието пратениците ги нарекуваат конзерваторите паразити. Затоа ни останува само борбата на улица,“ изјави таа.
Морачевиќ нагласи дека студентите се решени да го одбранат Генералштабот како симбол на културното паметење и архитектонскиот идентитет. „Долго време ја водиме оваа борба. Докажано е дека уривањето е нелегално, но најдоа начин да ги легализираат своите злосторства. Ова е пример за корупција и злоупотреба на положбата. Ако дозволиме ова да помине, ќе покажеме дека мислењето на експертите и студентите ништо не значи,“ додаде таа.
Студентката потсети дека владата требало да реагира кога падна надстрешницата на објектот, наместо „да ја трга заштитата од културното добро и да дозволи тоа да помине незабележано“. „Тоа го направија минатата година, во време кога цела Србија чувствуваше болка и жалост. И сега постапија исто – почекаа еден ден по годишнината за да протнат документ, да помине тивко, мислејќи дека нема да имаме сили да се бориме на сите фронтови. Но ние сили имаме,“ изјави Морачевиќ.
Организаторите најавија дека преку социјалните мрежи ќе ги објавуваат деталите за натамошните активности и ги повикаа граѓаните, уметниците и професорите да се приклучат на протестот.
„Ние сме жив ѕид — меѓу културното наследство и неговото уништување,“ порачаа студентите во заедничкото соопштение.
