Полските безбедносни служби уапсиле 19-годишен студент осомничен за обид за воспоставување контакти со Исламска држава и извршување напад на божиќен пазар што можел да предизвика масовни жртви, соопштија властите.
„Матеуш В., студент на Католичкиот универзитет во Лублин, сакал да изврши експлозивен напад и планирал да се приклучи на терористичка организација“, изјави Јацек Добжински, портпарол на полските безбедносни служби.
„Човекот беше многу фасциниран од исламот, се обидуваше да воспостави контакти со Исламската држава и подготвуваше напад во Полска, во еден град за време на божиќен пазар“, рече Добжински на прес-конференција.
Добжински одби да каже кој град младиот човек планирал да го нападне за „да не предизвика паника“. Обвинителството го обвини Матеуш В. за „преземање подготвителни дејствија за извршување терористички напад што можел да резултира со смрт или сериозни повреди на многу луѓе“. Судот му одреди притвор од три месеци.
