Пишува: Стојан Синадинов
СТУДЕНА ВОЈНА
(Zimna wojna / Cold War)
Игран филм, Полска / Велика Британија / Франција
2018, 90 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Павел Павликовски (Pawel Pawlikowski)
Сценарио: Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Pawel Pawlikowski, Janusz Glowacki)
Улоги: Јоана Кулиг, Томаш Кот, Борис Шиц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc)
„Везилке, кажи како да се роди / проста и строга македонска песна / од ова срце што со себе води / разговор ноќен во тревога бесна?…“
Овие стихови не се од најновиот филм на „Студена војна“ (Zimna wojna/Cold war) на Павел Павликовски (Paweł Pawlikowski), полски режисер со престој на лондонска адреса во последниве децении. Иако во филмот има доста музика, од етно до џез, и се говори на полски, француски, германски, хрватски, италијански и на руски јазик, токму овие стихови од песната „Везилка“ на стариот добар Конески некако се најблиску до описот на судбинската љубов во време на Студената војна. Па, тогаш, да ги додадеме: има и зошто, ќе видите подолу во текстот.
Интересен е професионалниот животопис на Павликовски. Широко образован, со дипломи од филозофија и литература, и магистратура на Оксфорд на тема од германската книжевност, Павликовски започнал како автор на документарни филмови. Неговиот документарен корпус ги опфаќа филмовите „Од Москва до Петушки: Патување со Венедикт Ерофеев“ (инспириран од писателот на новелата „Москва-Петушки“), потоа „Српски епови“, снимен во српскиот дел на Босна и Херцеговина (во кој „актер“ е и поранешниот лидер на босанските Срби, денес хашки затвореник Радован Караџиќ) и филм за контроверзниот руски десничарски политичар Владимир Жириновски (кој нешто исчезна од хоризонтот на светски политички кловнови)…
„Студена војна“ ја користи фабулата во манир на рондо, кое ги носи актерите низ спиралата во која постојано се судираат со судбината и со политиката. Павликовски прави фина алегорија на некогаш популарната „емигрантска култура“ на уметниците и интелектуалците од Источна Европа и Советскиот Сојуз, кои пребегнуваа на Запад. Затоа во неговиот филм е присутна атмосферата на романот „Неподнослива леснотија на постоењето“ на Милан Кундера (издадена во 1984 г.), подоцна екранизиран во холивудски стил во режија на Филип Кауфман (1988 г.), со Дениел Деј-Луис, Жилиет Бинош и Лена Олин во главните улоги.
Но, Павликовски во „Студена војна“ прави сосема друга визуелна структура. Црно-белата рамка, со формат на сликата во размер од речиси 1:1 (блиску до квадрат, што не е вообичаено кај денешните филмови), и продолжување на специфичниот начин на кадрирање, започнат во „Ида“ – во кое актерите како да сакаат да „побегнат“ од екранот, оставајќи празнини на него – се постојано во функција на доловување на „играна документарност“. Необично, но мајсторски изведено.
За крај, повторно Конески: „И најмил спомен што в душа ми блеска/се гаси од нив ко цвеќе без боја. Но ти што ловиш звук на чудна песна, ти си ја кажа судбината своја“.
Токму како во филмот…