Студен бран ја зафати Хрватска: Во Загреб -12, во Вараждин дури -16 степени

По обилниот снег, Хрватска ја погоди силен студен бран. Утрово во Вараждин се измерени -16, а во Загреб -12 степени, додека најтопло е во Дубровник со 6 степени.

По дводневните снежни врнежи во континенталниот дел, Хрватска ја зафати изразен студен бран, а утрово во многу градови се измерени екстремно ниски температури, особено на северот и во планинските предели.

Најстудено било во Вараждин, каде што се измерени дури -16 степени, додека во Загреб температурата падна на -12. Исто толку студено е и во Карловац со -12 степени, а на Завижан се регистрирани -14 степени.

Во Пазин и Госпиќ утрово се измерени -10 степени, додека Сисак, Бјеловар и Дарувар денот го започнаа со -9 степени.

Најтопло во Дубровник

За разлика од внатрешноста, најтопло е на крајниот југ на земјата. Во Дубровник утрово се измерени 6 степени, во Макарска 3, а во Сплит точно 0 степени. На поголемиот дел од Јадранот температурите се над нулата, но чувството на студ е изразено поради силната бура.

Прогноза: студено, но претежно сончево

Според прогнозата на Државниот хидрометеоролошки завод (DHMZ), денес ќе преовладува претежно сончево време, со можност за умерена облачност во вториот дел од денот. Утрово во внатрешноста локално е можна магла, додека на истокот и на југот ќе има повеќе облаци, со услови за слаби врнежи.

Ветерот во внатрешноста ќе биде слаб, а во источна Хрватска повремено умерен северозападен. На Јадранот ќе дува умерена до силна бура, која постепено ќе слабее и ќе премине во северозападен ветер.

Дневните температури во внатрешноста ќе се движат од -5 до 0 степени, додека на Јадранот од 3 до 8 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни