Студениот бран во Хрватска не запира: снег до морето, мраз и црвени метео-аларми

Нов циклон донесе снег во Далмација и внатрешноста, опасни услови на патиштата и најниски температури до –9 степени.

По само еден ден релативно стабилно време, нов студен бран повторно ја зафати Хрватска, носејќи снег, мраз и опасни услови за сообраќај во повеќе региони од земјата.

Од раните утрински часови, снег паѓаше во делови од Далмација, вклучително и во Омиш, каде што се формираше тенка снежна покривка, како и во Дупци и Плоче. Снег е регистриран и во поширокото сплитско подрачје, поточно во селото Срињине, додека густ снег го зафати и поголемиот дел од Далматинската загора, меѓу кои и Замоcорје и Цетинскиот крај.

На остатокот од крајбрежјето и на островите претежно паѓа дожд, но надлежните служби предупредуваат на исклучителна претпазливост во сообраќајот, особено на брзата сообраќајница Солин–Клис, каде што поради снег и замрзнат дожд се создава поледица. На автопатот А1 воведени се зимски услови на делницата Шестановац–Загвозд–Равча.

Во меѓувреме, Славонија се разбуди под мраз, а поради дожд што се замрзнува, Државниот хидрометеоролошки завод (DHMZ) издаде црвено предупредување за Осиек, додека за Загребскиот регион е на сила портокалово предупредување поради поледица.

Снег паѓа и во делови од Лика и внатрешна Далмација, а умерена опасност од студен бран е најавена за Загребскиот и Карловачкиот регион и за денес и за претстојниот викенд. Во Госпиќкиот регион се очекува затоплување дури во сабота, а во Ријечкиот – во недела.

Најниски утрински температури се измерени во Градиште кај Жупања (-9°C), како и во Славонски Брод, Осиек и Вараждин (-8°C). Во Загреб и Госпиќ утринската температура изнесуваше -6 степени. Интересно, на Зависан и во Книн беа измерени 0 степени, додека на југот температурите се значително повисоки – до 10 степени во Комижа.

Според метеоролозите, југото и левантот на Јадранот постепено ќе доведат до пораст на температурите, но додека снегот не премине целосно во дожд, во делови од Загорaта се можни нови снежни наноси.

Од DHMZ апелираат граѓаните редовно да ги следат временските прогнози и официјалните предупредувања, да избегнуваат непотребни излегувања и да бидат особено внимателни при движење по лизгави коловози и тротоари, особено лицата со хронични заболувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни