Струшки вечери на поезијата: Поетскиот јазик низ чувства создава нови зборови

Во пресрет на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата што ќе се одржи од 24 до 28 август, објавен е плакатот и промотивното видео.

Графичкиот дизајн на плакатот е дело на познатиот графички уметник и дизајнер од Струга, Енкел Дика, видео продукцијата е на ЗООТРОП студио, а автор на музиката е Џијан Емин.

Плакатот и промотивното видео го илустрираат мотото на годинешното издание на Струшките вечери на поезија.

Во Програмата на Струшките вечери оваа година е предвидена Тркалезна маса на тема: „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“.

Инаку, непосреден повод за организирање на Струшките вечери на поезијата, за продолжување на вековната културна традиција на овој град, беше литературното читање на група истакнати македонски писатели на свечениот дел од јубилејот, одржан во Струга на 15 јули 1961 година, по повод излегувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Се дојде до идеја дека постојат сите услови да се организира една традиционална манифестација со фестивалски карактер, која ќе се одржува во овој град, како смотра на поетските остварувања во земјава во текот на една година.

Ваквата идеја и иницијатива наиде на позитивен одѕив и со задоволство беше прифатена од Друштвото на писателите на Македонија, Советот за култура на тогашна Народна Република Македонија и Народниот одбор на Општина Струга.

На една од своите седници, Народниот одбор на Општината во 1962 година формира прв фестивалски одбор од 7 членови, составен од претставници на Друштвото на писателитe на Македонија, културни и општествено-политички работници од Републиката и од Струга, чијшто претседател бил истакнатиот поет Ацо Шопов. Фестивалскиот одбор изготви програма распределена во четири вечери на кои настапија писатели од Македонија.

Од година во година бројот на учесници на Струшките вечери на поезијата се зголемувал. Во 1964, тие прераснаа во општојугословенски фестивал на кој зедоа учество поети од сите републики на поранешна Југославија. А веќе наредната, 1965 година, фестивалот ги премина југословенските граници и поприми карактер на меѓународна поетска манифестација на која настапија еминентни поети од неколку земји: Бугарија, Италија, Полска, Романија, поранешниот Советски Сојуз и поранешна Чехословачка. Бројот на земјите учеснички се зголемуваше. По четири години, во 1968 година, на средбите настапија поети и есеисти од 17 земји.

Мост на поезијата — мост на реката Црн Дрим во Струга

Во 1966 година Струшките вечери на поезијата прераснаа во институција што постојано ја дообликува својата физиономија, изградувајќи поцврсти критериуми врз кои ја конципира програмата и поканува учесници на приредбите. Советот на Струшките вечери на поезијата со своите посебно стручни комисии: програмска, селекциона, комисија за симпозиум, организационо-техничка, жири комисии за доделување награди и други, програмирано ја одвива својата дејност, настојувајќи што подобро и посодржајно да ја осмисли манифестацијата. Бројот на членови на Советот на Струшките вечери сега се движи околу 25, со претседател и двајца потпретседатели.

Струшките вечери на поезијата доживеаја брз растеж и за кусо време станаа единствена меѓународна манифестација од ваков вид, еден вид на мост меѓу литературните меридијани на светот. Тие претставуваат една значајна трибина од која што секоја година одекнува полифоничноста на поетскиот збор, неговите хумани пораки и моќта да облагородува и зближува.

Струшките вечери секоја година се вистински празник како за градот, така и за сите вљубеници на поезијата. Тие станаа значаен културен настан во светот на литературата, манифестација низ која, како низ отворен прозорец, може да се види и чуе што се случува во поезијата, во таа „земја без граници”. Пропагирајќи ја поезијата и нејзините вредности, Струшките вечери имаат непроценливо значајна мисија во овој миг, во овој свет што ни се приближува, што го приближуваме.

Името на Струшките вечери на поезијата е внесено во сите поетски карти на светот. Струга е во сите оние што ја посетиле и виделе. Таа е на патот да биде и во оние што допрва ќе ја видат.

„Ако постои некаде библиски небесен рај, со идеална убавина, тогаш едно негово овоземно катче е овој град” – запиша еден од многубројните странски учесници, заминувајќи од Струга.

Најново

Последни колумни