Струмица прв град на Балканот со поставени сензорски монитори за мерење на загадувањето на воздухот

На 6 локации во градот се поставени сензорски монитори, а нивниот број ќе се зголемува.

Од денеска Струмица е првата општина во државата и на Балканот која започна да  гради хиперлокална мрежа од сензорски монитори која овозможува брзо и ефикасно во било кој временски период откривање на жаришта и извори на загадување на воздухот. На 6 локации во градот се поставени сензорски монитори, а нивниот број ќе се зголемува. На една од локациите каде што е поставен ваков монитор денеска беше градоначалникот Костадин Костадинов со професор Д-р Сашо Манасов од Скопје кој го предводи овој иновативен проект којшто општина Струмица го реализира во соработка со Конзорциум на компании и универзитети од Македонија, САД и Велика Британија.

За градоначалникот Костадин Костадинов, овој проект е уште една потврда за заложбата негова лична и на општина Струмица, за намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух, по воведувањето на јавниот електричен превоз и изградбата на велосипедските патеки.

-Поставувањето на ваквите монитори на микролокации ќе им овозможи по пат на апликација на граѓаните, а уште повеќе на иснпекциските служби на општина Струмица 24/7 да имаат веднаш анализа на потенцијалните жаришта на загадување. Ова значи дека не мора само со очи да ги гледаме оџаците, туку во секој момент да имаме анализа од што е загадено, од каде доаѓа загадувањето и инспекторите соодветно да постапуваат и доколку инспекторите не се во работно време тоа ќе имаат можност да го прават граѓаните. Со таквите сензори практично секој граѓанин станува инспектор во општина Струмица и тоа е навистина благодет. Ние треба да ги зимаме позитивните практики од Европа и светот, такви сензорски монитори има во Милано, Лондон, Париз и од последните разговори коишто ги имавме со професорот Манасов, Лондон при имплементација на еден таков проект за 4 пати има намалување на аерозагадувањето, тоа е само поттик кон мене и кон службите во општина Струмица и секако и до граѓаните дека оваа работа како и до сега треба многу сериозно да ја сработиме, изјави Костадинов.

Според д-р Сашо Манасов, професор по компјутерски технологии и вештачка интелегенција, од 2014 година кога се креирало софтверско и хардверско решение за решавање на проблемот со загадувањето во урбани средини, нивните проекти се имплементирани во повеќе од 50 држави и повеќе од 90 метрополи во светот. -Науката е јасна дека загадувањето на воздухот не е рамномерно распределено. Постојат жаришта на загадување на микро локации, каде концентрациите во тие жаришта се неколку пати повисоки од она што го покажуваат државните референтни станици, на пример во Струмица има една државна станица, којашто не може да ги открива жариштата на локации на целата територија на општина Струмица, туку само во нејзината околина, рече професорот Манасов.

Започнувањето на функционирањето на Локалната мрежа за мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух во општина Струмица беше презентирано и пред граѓаните во салата на Советот на општина Струмица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни