Струмица на улица: „Здрава котлина“ блокира за чист воздух

Граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ блокира три улици во Струмица за чист воздух. Тие бараат итни мерки против аерозагадувањето и обврска за филтри во индустријата.

Граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ најави мирна блокада во Струмица денес, како реакција на недоволните мерки за намалување на аерозагадувањето. Протестот ќе трае два и пол часа и ќе се одвива на трите улици кај кружниот тек кај Поштата.

Од иницијативата велат дека и покрај неодамнешниот протест и доставувањето на барањата до надлежните институции, на терен сè уште нема видливи резултати. Главна цел е примена на мерката „Нема филтер – нема бизнис“, односно забрана за работа на индустриски капацитети што немаат соодветни филтри.

„Заканите и притисоците од сопствениците нема да не запрат. Сите случаи ќе ги пријавуваме до институциите“, порачуваат од „Здрава котлина“, истакнувајќи дека продолжува и палењето на бакар и потенцијалното запалување на кабли како директна закана за здравјето на граѓаните.

Иницијативата бара и институциите да преземат мерки за загаденоста во Струмица да биде двојно пониска од националниот просек, како и ревизија на еколошките дозволи и елаборати на индустриските капацитети. Протестите и блокадите ќе продолжат сè додека надлежните не преземат конкретни и ефективни мерки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни