Струмички карневал- славење на плодноста и на прочистувањето

Струмичкиот карневал, еден од најпознатите во земјава, претставува многувековен традиционален обичај, кој своите корени ги влече од пагански култ и во суштина го означува славењето на плодноста и на прочистувањето.

Крневал се одржува традиционално секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост.

Почетокот на постот, односно првите три дена се наречени тримерски денови и тие секогаш започнуваат од недела вечерта на Прочка и траат до среда, а во нивни рамки во вторник вечер е традиционалната карневалска вечер, кога маскирани групи шетаат низ градот и одат по куќите каде што има верени, армасани девојки и каде што остануваат до раните утрински часови.

Првите пишани извори за Струмичкиот карневал потекнуваат од 1670 година, од турскиот патеписец Евлија Челебија. Како еден показателен и симбол за древноста и старината на овој карневал е и фактот дека многу белези на маските, носиите и предметите кои останале во употреба како облеки од кожа и рогови од разни животни, бик, прч, овен, како и алузијата на многуте сакатници со патерици кои се појавуваат на самиот карневал, се карактеристични само за неговата изворна паганска форма. Карневалот подоцна доживеал извесна трансформација во традиционална форма, но маските коишто сѐ уште ги паметат најстарите Струмичани се: невестата со младоженецот, кои ги симболизираат младенците односно верените, поп кој ги благословува младите за среќа, благосостојба и слога во бракот, потоа ѓаволот, најчесто со рогови, со опашка од вол или некое друго животно и со вила во рацете, кого сите го бркаат, а чија симболика е бркање на сите лоши сили или влијанија кои би можеле да се појават и да им наштетат на младоженците. Многу честа маска се и мажи претворени во жени со изразени женски атрибути и обратно, со што се покажува најчесто кои физички особини сака мажот да ги поседува жената и обратно.

Друга одлика на традиционалната форма на карневалот е наследството на бројните еротски елементи, песните исполнети со еротски мотиви, содржини и зборови, препознавањето на момчето по големиот фалус, направен од шише или друг предмет и чијашто цел е дидактичка, односно упатување и припремање на невестата за идниот брачен и сексуален живот.

Тука се и музичките реквизити, односно музичките инструменти, гитара, армоника, дајре, кои секоја маскирана група што оди по куќите на армасаните девојки ги носи, на кои се свири и кои се неопходни за стварање на една општа веселба и расположение.

Во последните години карневалот има посовремена и модерна димензија, со некои влијанија од слични карневали во светот. Меѓутоа, традиционалниот карактер на карневалот и одењето по куќите на верените девојки како обичај останал. Преку шаренилото од бои, фигури и маски со различни мотиви и теми, учесниците на карневалот настојуваат да ја покажат вечната борба меѓу доброто и злото, реализмот и сарказмот, иронијата, сатирата и традицијата, полтронството и кариеризмот, власта и безвластието и сето тоа проследено со голема живост и динамика, карактеристична на струмичани. Маските се прават по избор на самите учесници. Секој учесник си избира своја тема и идеја за маскирање, додека групните маски се заедничка идеја на целата група. Од видовите на маски, најзастапени се антропоморфните, а се среќаваат и зооморфни и зооантропоморфни маски.

Бројот на учесниците на карневалот, како и бројот на посетителите, од година во година се зголемувал, а покрај локалните учесници, редовно учествуваат и гости од странство.

фото: Ванчо Џамбаски

Најново

Последни колумни