Струга со нов проблем: водоводот користел вода од изворот „Шум“ без дозвола

Инспекцискиот надзор во Струга утврдил дека јавното претпријатие „Водовод и канализација“ нема соодветна дозвола за користење на водата, додека граѓаните и понатаму имаат препорака да не ја пијат водата од чешма.

Министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа изјави дека струшкиот водовод немал соодветна дозвола за користење на водата од изворот „Шум“, што било утврдено по инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за животна средина.

Хоџа денеска беше во Струга, каде изврши увид во реализацијата на проектот за замена на азбестните водоводни цевки, при што нагласи дека Министерството од почетокот е во комуникација со локалните власти за решавање на проблемот со водата за пиење.

„Инспекторите излегоа на терен и констатираа дека во случајот јавното претпријатие ‘Водовод и канализација’ нема соодветна дозвола за користење на водата од изворот. Дадени се насоки, а општината веќе поднесе барање и ќе се следат сите законски процедури“, изјави министерот.

Тој посочи дека засега не се разговара за прогласување кризна состојба, но институциите внимателно ја следат ситуацијата.

Градоначалникот на Струга Менди Ќура изјави дека во моментот општината нема потреба од финансиска помош, туку се работи на утврдување на причините за матноста на водата.

„Засега не ни требаат дополнителни средства. Доколку матноста продолжи, ќе мора да преземеме дополнителни мерки и ќе побараме помош од Владата“, рече Ќура.

Тој додаде дека анализите на Центарот за јавно здравје четврти ден по ред покажуваат матност во граници на нормалата, но препораката за забрана за пиење вода од водоводот сè уште останува додека целосно не се стабилизира изворот „Шум“.

Според градоначалникот, општината веќе ги испратила одлуките до Владата за решавање на правните обврски, меѓу кои и прогласување заштитена зона околу извориштето, како и добивање официјална дозвола за користење на водата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни